Oсум милиони Британци се мачат да ги платат сметките, остар пад на потрошувачката во продавниците за храна

Речиси осум милиони луѓе во Велика Британија се мачат да ги платат нивните сметки додека животните трошоци бележат пораст, јави Би-би-си.Управата за финансиско работење процени дека 7.8 милиони лица сега сметките ги гледаат како „тежок товар“, во споредба со 5.3 милиони во 2020 година.

Цените на енергијата, храната и горивото остро се зголемија изминатите шест месеци, делумно поради војната во Украина. Инфлацијата, стапката со што растат цените, се зголеми на 10,1 отсто минатиот месец, наведува Би-би-си.

Граѓаните во Велика Британија купуваат помалку, отколку пред пандемијата од коронавирусот. Обемот на продажба на мало падна повеќе од очекуваното од 1,4 проценти минатиот месец, продолжувајќи го падот од август.

– Потрошувачите сега купуваат помалку, отколку пред пандемијата, изјави Дарен Морган од Канцеларијата за национална статистика.

Како што изјави Морган, трговците на мало појасниле дека падот во септември делмно се должи и на затворените продавници поради погребот на кралицата, но влијаеле и ценовните притисоци, што ги тераат потрошувачите да бидат внимателни при трошењето пари.

Морган додаде дека забележан е пад во сите видови продавници, а најостар има кај оние за храна.