Осум милиони луѓе без струја во Тексас и Мексико поради студениот бран

Невообичаено студен атмосферски бран остави повеќе од осум милиони клиенти во Тексас и Мексико без електрична енергија.

Во јужната американска држава има четири милиони претплатници без електрична енергија. Поради зголемената потрошувачка, локалниот оператор на електрична енергија е принуден да ја исклучува електричната енергија на ротациска основа.

Цената на пазарот на електрична енергија во Тексас вчера скокна за повеќе од 10.000 проценти. Во неделата навечер, државата забележа рекорд на потрошувачка во зима од 69.150 мегавати – 3.200 мегавати повеќе од претходната, поставена во јануари 2018 година.

Арктичките воздушни маси се спуштија уште пониско, во северниот дел на Мексико. Вчераутро во соседната држава имало 4,7 милиони корисници без електрична енергија.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера прогласи вонредна состојба што ќе и овозможи на федералната влада да обезбеди помош за Тексас, каде температурите се движат од минус 2 до минус 22 Целзиусови степени.

Оваа држава е најголем производител на сурова нафта во земјата. Студот сериозно го погоди енергетскиот сектор, со рафинерии за нафта затворени.

Меѓународниот аеродром во Хјустон денеска ќе остане затворен најмалку до 19 часот по Гринич.

Повеќе од 3.700 летови се откажани само во САД вчера, јави телевизијата Си-Ен-Ен.

Затворени се вкупно пет аеродроми во САД – два меѓународни (во Тексас и Мисисипи) и три регионални (во Тексас и Луизијана).

Во Тексас се очекува да биде уште постудено. Националната метеоролошка служба предвидува дека температурата на државата ќе се спушти до 26 степени под нулата.

Покрај Тексас, вонредна состојба е прогласена во најмалку уште шест сојузни држави во САД – Алабама, Канзас, Кентаки, Мисисипи, Оклахома и Орегон. Американската национална метеоролошка служба соопшти дека најмалку 150 милиони Американци живеат на места погодени од студено време или снежни врнежи.

За време на викендот на северот од Минесота – една од најстудените држави во САД – беа измерени минус 45 степени Целзиусови.

Метеоролозите очекуваат времето да остане есктремно студено до петок.