Освојувачот на бронзата на ЕП Ардијан Аземи на прием во АМС

Ардијан Аземи, освојувачот на бронзен медал на Европското првенство во бокс за младинци, кое минатата недела се одржа во Будва денес беше примен во Агенцијата за млади и спорт од страна каде имаа заедничка прес-конференција со директорот Наумче Мојсовски, заменик директорот на АМС Авни Рустеми, претседателот на боксерската федерација Примислав Димовски, и освојувачот на бронзениот медал Ардијан Аземи.

„Паузата во освојување на европски одличја беше навистина долга, и од таа причина бронзата на Ардијан влева надеж за враќање на боксот онаму каде што му е вистинското место, на врвот на спортовите во нашата земја, а неговите 17 години се доказ дека популарноста на боксот се враќа кај младите“, истакна Мојсовски.

Тој додаде дека поддршката која Агенцијата за млади и спорт ја обезбедува за Боксерската федерација, како и посветеноста во работата на челниците на федерацијата, на чело со претседателот Примислав Димовски, ќе обезбедат услови за спортување на млади боксери кои еден ден ќе станат: Русевски, Мумин, Димовски…

Рустеми рече дека АМС како институција гарантира поддршка за успехот на секој спортист во нашата земја, бидејќи шампиони како Ардијан Аземи и многу други, ја прават нашата земја позната низ целиот свет.

Првиот човек на Боксерската федерација на Македонија, Примислав Димовски е горд од постигнатиот резултат.

„Иако боксот во државава имаше поддршка во изминатиов период, резултатите изостануваа, и од таа причина сум посебно горд на освоениот медал на Аземи“, истакна Димовски.

Тој додаде дека верува во континуирана успешна соработка и со новиот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.