Отава загрижена за двајцата Канаѓани обвинети во Кина за шпионажа

Канада истакна во понеделникот дека е многу загрижена поради обвинувањата за шпионажа против двајца нејзини државјани затворени во Кина, неколку дена откако Отава даде одобрение за процесот на екстрадиција на САД на директорката на кинескиот телекомуникациски гигант „Huawei“.

„Многу нѐ загрижува ставот на Кина“, рече канадскиот премиер Џатин Трудо на прашањето за информациите во кинеските медиуми според кои Пекинг го сомничи поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг за шпионажа и кражба на државни тајни. Канадскиот премиер повторно го истакна самоволното заточување на Ковриг и Мајкл Спавор, советник кого Пекинг го смета за еден од главните извори на информирање на поранешниот дипломат, наведува агенцијата New China.

Двајцата мажи беа уапсени во декември, неколку дена по апсењето во Канада на барање на САД, на директорката на „Huawei“, Менг Ванжу. Агенцијата наведува дека Ковриг, кој работи за Меѓународниот истражувачки центар „ Crisis Group“, често од 2017 година патувал во Кина и собирал информации.

Отава го обвинува Пекинг дека во текот на апсењето го прекршил дипломатскиот иминутет на Ковриг, канадски дипломат. Канада смета дека кинеските власти со испитувањето на Ковриг ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатските односи, што Пекинг го отфрла. Една канадска парламентарна група претходно предупреди за „потполно неприфатливите“ услови на заточување на двајцата Канаѓани.

Новите кинески обвинувања следеа откако во петокот Канада ја започна процедурата за екстрадиција на Менг Ванжу на САД, а Кина таа одлука ја оцени како политички инцидент. Менг во среда ќе биде изведена пред судот во Ванкувер, кој ќе го одреди датумот за сослушување во врска со екстрадицијата, објасни канадското правосудство. Процедуратата за израчување може да трае со месеци, па и со години, поради бројните можности за поднесување жалби.

Американското миистерство за правда сака да им суди корпорацијата „Huawei“ и нејзината финансиска директорка под обвинение дека наводно ги заобиколиле американските санкции против Иран, и бидејќи сакале преку филијали да украдат индустриски тајни на американската телекомуникациска компанија „T-Mobile“.

Во меѓувреме 47-годишната Менг покрена процес против канадските власти, коишто ги обвинува за нарушување на нејзините уставни права во текот на апсењето во Ванкувер на 1-ви декември 2018 година.

Нејзиното апсење отвори дипломатска криза меѓу Отава и Пекинг. „Huawei“, вторито светски производител на паметни телефони, повеќепати демантираше дека сторил какво и да е прекршување на законите.