Отчет на Ѓорѓиевски: За две години реализирани се 90% од четиригодишната програма

Под слоганот „Големи идеи, за сериозни промени”, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа го презентираше отчетот од својата двегодишна работа. Реализирани се 90 проценти од целокупната предизборна програма, предвидена за четири години, истакна во своето излагање, додавајќи дека како никогаш досега во овие 30 години, е извршена обнова на инфраструктурата. Асфалтирани се 44 км улици, атмосферска мрежа во должина од 5470 метри, фекална канализациона мрежа 6690 метри и 3610 метри водоводна мрежа. Изградени се 1300 нови паркинг места, два нови пазари, а големи се и инвестициите во образованието. Како што информираше градоначалникот Ѓорѓиевски, сите училишта се опремени со смарт уреди, обезбедени се компјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, наскоро и униформи за сите основци. Изградени се сензорни соби во сите училишта, изградени и обновени спортски училишни сали. За само две години, имаме две нови градинки. Ја ставивме во функција градинката во Драчево и за првпат отворивме нова, целосно инклузивна градинка во Усје. Неколку објекти со значително проширен капацитет. Ги распишавме условите за избор на најповолен изведувач за реконструкција и проширување на градинката Пеперутка1 во Драчево, а наскоро ќе градиме целосно нов објект во 11 Октомври Згради, намалувајќи ги од листите на чекање од 400 на двоцифрен број дечиња-потенцираше градоначаликот Ѓорѓиевски.

 

Тој посебно ја истакна изградбата на спортската инфраструктура, со посебен акцент врз обновата на запуштените спортски терени и локации кои некогаш беа култни места. Се работи за 11 спортско-рекреативни центри и паркови.

Кисела Вода е првата дигитализирана општина на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат, а наспроти минатото во кое оваа локална самоупрва беше симбол за криминал и корупција, сега е првата општина која после 1965 година распиша меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник, поддржан од сите македонски авторитети од областа на урбанизмот и архитектурата, како и од своите жители. Жири комисијата која имаше меѓународен карактер одлучи дека Расадник кој претходното раководство сакаше да го загуши со 99 згради, сега ќе се уредува согласно принципите за хумано живеење. Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше и за сетот мерки за поддршка на социјално загрозените граѓани, за старите лица, како и за лицата со попреченост. Заокружи со проектите од културата после кои Општина Кисела Вода стана симбол за одличен културно-забавен живот во главниот град.

Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека и покрај тоа што го презеде раководството на Општина Кисела Вода со наследен долг од 3 милиони евра, сега таа е во ликвидна кондиција и притоа се спроведува рамномерен развој во сите населби. Во контекст на буџетот и транспарентноста, на влезот од  Домот на културата “Билјана Беличанец” каде се одржа настанот, имаше штанд каде граѓаните ги запишуваа своите идеи за претстојниот Буџет 2024.

-Концептот „Големи идеи за сериозни промени” го продолжуваме со уште поголема енергија и одлучност, користејќи го секој ден што ни претстои за поубава Кисела Вода во која ќе биде престиж да се живее, инвестира и работи, потенцираше на крајот градоначалникот Ѓорѓиевски заблагодарувајќи им се на сите граѓани, на Советот и неговиот претседател  и на администрацијата за цела досегашна поддршка и посветена работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.