Отфрлено барањето на одбраната во случајот „Таргет-тврдина“ за изземање на судијата Трпков

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев го отфрли барањето на одбраната во случајот „Таргет-тврдина“ за изземање на судечкиот судија Илија Трпков, затоа што одлучувал во однос на продолжување на мерката притвор за обвинетиот Тони Јакимовски и не се иззел од повторената постапка во предметот.

Одбраната се повикуваше на чл. 33, став 5. од Законот за кривична постапка (ЗКП), според кој една од причините кога судија се отповикува е ако во ист предмет учествувал во одлука која се побива со жалба. Со постапувањето, смета одбраната, се доведува во прашање неговата непристрасност и објективност, затоа што веќе оформил мислење во однос на притворот и со тоа ја прејудицирал одлуката на судот. Обвинетиот Јакимовски е во куќен притвор со одлука на судијата Трпков, иако претходно од него била побарана и добиена гаранција.

Повторената постапка за предметот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување не започна вчера, но беше одложена затоа што обвинетиот Јакимовски не дојде на судењето, затоа што не бил уредно поканет, односно не била уредно известена полицијата, а денеска се одржува повторно рочиште. На денешното судење се очекува да бидат испитувани двајца сведоци, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.
Апелациониот суд во Скопје лани ја укина пресудата од 2021 година, а жалбата на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја оцени како беспредметна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.