Откако укажа на грешка, доктор Гроздановски доби отказ на три години пред пензија!

Долгогодишниот невролог, доктор Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а која подоцна осамна на социјалните мрежи и предизвика јавен потсмев – заработи отказ на три години до пензионирањето, информира Слободен печат.

Тој за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и рече дека неговиот сомнеж е дека токму тоа што го обелоденил навидум наивниот настан со погрешно испишаната табла, претставувало основа да биде отпуштен од работа.

Иако формално-правно причините за отказот се поинакви, проблемите почнале да се случуваат еден ден по фотографирањето на таблата, кога доктор Гроздановски добил решение за прераспределување во друга поликлиника – онаа на Бит-пазар.

Бидејќи доктор Гроздановски формирал невролошки кабинет во поликлиниката „Букурешт“, а во оваа здравствена установа имало само двајца лекари од специјалноста неврологија, од кои другата колешка била многу помлада од Гроздановски, тој одбил да биде прераспределен, по што настапил отказот, пишува порталот.

-Пишува дека неоправдано сум изостанал три работни дена, на 26, 27 и 28 јули. Последен ден што бев на работа, беше во саботата на 24 јули. Дојдов во „Букурешт“ додека бев на одмор во петокот и бев блокиран, не можев да влезам во системот. Веќе ме префрлиле на Бит-пазар. Од понеделникот, се разбира, не отидов на Бит-пазар и веднаш ми дале отказ и ме одјавија, така што сега сум невработен доктор специјалист по неврологија на три години пред пензија. Е, тоа е мојата приказна. Како одеднаш од таков професионалец невролог, како што ме нарекуваше директорот, добив експресен отказ за три дена без да бидам викнат на разговор и без да се најде решение, вели доктор Гроздановски, пренесе порталот.

Директорот на поликлиниката Букурешт, доктор Виктор Исијановски, за „Слободен печат“ тврдеше дека прераспределбата на Гроздановски не е поврзана со фактот што тој ја фотографираше погрешно испишаната табла, туку затоа што имало потреба од професионалец во поликлиниката Бит-пазар. Но, откако Гроздановски одби да биде прераспределен, за само три дена го отпушти, пренесе Слободен печат.