Отказ за словенечка учителка активна „активаксерка“

Учителка во едно основно училиште во вториот по големина словенечки град Марибор доби решение за престанување на работниот однос, бидејќи одбивала да се тестира или да се вакцинира против Covid-19, што е прв ваков случај откако владата поради ширењето на епидемијата во третиот бран ги заостри противепидемиските мерки.

Како што пренесуваат во петокот словенечките медиуми кои го објавуваат и името на учителката, на почетокот на училишнта година ѝ било привремено забрането работењето бидејќи одбивала да се тестира секоја седмица и да носи маска во класот, според задолжителната циркуларна препорака од министерството за образование, а сега добила и отказ. На решението за престанување на работниот однос, таа има право на жалба во рок од две седмици.

Медиумите пренесуваат дека учителката активно дејствувала во антиваксерската група која неодамна упадна во студиото на информативната програма, барајќи да „престане со пропагандата“ на владината кампања за вакцинирање, а во видео објавено на Facebook ги наговарала родителите да не ги испраќаат децата во „режимското и фашистичко училиште“.

Директорката на училиштето Катја Прегл изјавила за мариборскиот дневен весник Večer дека отказот е даден поради кршење на работните обврски, имајќи предвид дека одбивала да носи маска во затворен простор, како и дека не го исполнувала ткн PCT услов (оздравени, вакцинирани, тестирани), кој важи за вработените во образовниот систем.

Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави во петокот дека PCT условот кој со рестриктивните мерки го одреди владата, веќе „дава резултати“ бидејќи последните денови стагнира бројот на новозаразените со коронавирусот.

Поклукар притоа најави дека заострениот PC услов (само оздравени и вакцинирани) кој за работа од 1-ви октомври ќе важи за вработените во државната управа ќе треба да се прошири и на сите, доколку епидемиолошките бројки продолжат да растат, како и бројката на хоспитализираните. Во спротивно, би можело да дојде до „крах“ на здравствениот систем, предупреди министерот за здравство.

Вработените во потесниот дел од државната администрација мора, доколку не прележале Covid-19 во последните шест месеци, задолжително да се вакцинираат со првата доза од вакцините до 1-ви октомври а со втората доза најдоцна до 1-ви ноември. Дококу тоа не го сторат нема да можат да работат во службените простории, освен доколку технички и во согласност со нивните работни места може да работата од дома, односно онлајн.

Против оваа одлука на владата протестирала повеќе синдикати на вработените во државната управа, а откако барање за процена на уставноста на оваа одлука поднесоа синдикатите на полицајците, на Уставниот суд дошле повеќе од 200 предлози бладиниата мерка да биде прогласена за неуставна, пренесуваат словенечките медиуми.