Откриен доказ за најстарата хируршка ампутација изведена пред 31.000 години

Скелет откриен во зафрлен дел на Борнео одново ја испишува историјата на древната медицина и докажува дека најстарата позната хируршка ампутација на екстремитети е успешно изведена пред околу 31.000 години, објавија австралиските научници претходно седмицава во научното списание Nature.

Доскоро најрана познатата ампутација на подлактица е евидентирана на 7.000 години стариот костур откриен во Франција во 2010 година, а експертите досега претпоставуваа дека некои такви оперативни зафати бил изведувани исклучиво во населените земјоделски области.

Но новото откритие укажува на тоа дека ловците собирачи од камената ера, коишто живееле во денешната индонезиска покраина Источен Калимантан имале софистицирано медицински знаење за анатомијата и лекувале рани.

„Тоа го менува нашето сфаќање на развојот на оваа медицинска гранка“, вели Тим Малони, научен соработник на австралискиот Универзитет Грифит, кој го водел истражувањето.

Костурот е откриен во 2020 година во импозантната спила Лианг Тебо, позната по сликите на ѕидовите стари 40.000 години. Опкружени со лилјаци и повремено шкорпии, научниците макотрпно го отстранувале седиментот за да го откријат добро зачуваниот скелет.

Недостасувале само левиот глужд и стапалото. Основата на преостаната коска од ногата имала невообичаена форма, чворест израсток над како што се чинело чиста фрактура, што укажува на тоа дека и глуждот и стапалото намерно се отстранети.

„Пресекот на коската е многу уреден и извршен на накосо…. всушност можете да ја видите површината и формата на резот низ коската“, вели Малони за медиумите претставувајќи го откритието.

Другите објаснувања за изгледот на коските, а би можело да стана збор за напад од животно или повреда од пригнечување или од пад, би предизвикале скршеници, а заздравувањето би се разликувало од затекнатата состојба на костурот. Заб и околните талози покажале дека костурот е стар најмалку 31.000 години и дека му припаѓал на лице кое умрело на возраст од околу 20 години.

И покрај неверојатната траума од ампутирањето, се чини дека лицето по неа преживеала уште шест до девет години. До овој заклучок научниците дошле врз основа на забележувањата за повторен раст на коската на ногата. Научниците веруваат дека лицето не претрпело поголема постоперативна инфекција.

На тој начин изведеното ампутирање укажува на „многу детално познавање на анатомијата на екстремитетите, како и на мускулниот и васкуларниот систем“, пишуваат научниците во објавената студија во средата, додавајќи дека заклучуваат оти следела „интензивна постоперативна нега… редовно чистење, преврска и дезинфицирање на раната“.

 

Жариште на човековата еволуција

Луѓето со векови изведувале оперативни зафати меѓусебно, ваделе заби и правеле дупки во черепите во рамки на трепанација, отворање на черепот поради растоварување на мозокот, присутен излив на крвта или како последица од притисок на коската поради повреда.

Меѓутоа, ампутирањето е толку сложен оперативен зафат што на Западот дури пред околу еден век е вброено во операциите по коишто луѓето можеле да очекуваат дека ќе преживеат.

Откритието од Борнео покажува дека ловците-собирачи успевале да се справат со предизвиците на хируршките зафати, и тоа 24.000 години порано отколку што досега се веруваше.

И покрај сето она што овој костур им го открил на научниците, се поставуваат многу прашања: Како и поради што е изведено ампутирањето? Што било користено против болките или за спречување на инфекцијата? Дали оваа операција била ретка или почеста практика?…

Тимот од стручњаци претпоставува дека „хирургот“ како „инструмент“ можеби користел многу остар предмет од камен, а против билки и спречување на инфекции веројатно користеле растенија со лековите својства.

„Студијата ни пружа увид во негата и лекувањето во далечното минато“, пишува Шарлот Ен Робертс, археолог од Универзитетот Дарем, која не учествувала во истражувањето.

Во пештерата во Лианг Тебо следната година се очекуваат натамошни ископувања. Научниците се надеваат дека ќе дознаат повеќе за луѓето кои таму живееле.

„Ова е навистина жариште на човековата еволуција и археологија“, смета Рено Жоане-Боајо, вонреден професор на Универзитетот Саутерн Крос кој помагал во датирањето на коските.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.