Откриен идентитетот на двете жртви во нападот во Лондон

Двајца дипломци на универзитетот Кембриџ се жртви на терористичкиот напад на Лондонскиот мост во петокот вечерта, соопшти во неделата полицијата на британската престолнина.

„Мажот и жената, кои загинаа во терористичкиот напад во близина на Лондонскиот мост, официјално се идентификувани како 25-годишниот Џек Мерит од Котенхам и 23-годишната Саскија Џонс од Стратфорд-на-Авон“, се наведува во соопштението на полицијата на Лондон.

Двете жртви биле дипломирани студенти на универзитетот Кембриџ и биле учесници во образовната програма Learning Together на Институтот за криминологија.

Напаѓачот кој подоцната беше застрелан од полицијата, во петокот со нож избоде неколку лица во „Фишмонгерс Хол“, зграда во северниот крај од Лондонскиот мост, во која се одржувала конференција за рехабилитација на затворениците на којашто учествувал и напаѓачот. Напаѓачот пред доаѓањето на полицијата го совладале учесниците на оваа конференција. Меѓу луѓето кои го совладалебил и Џејмс Форд, осуден во 2004 година на доживотен затвор, односно на најмалку 15 години, за убиство на жена на којашто со нож ѝ го пресекол гркланот.

Напаѓачот е идентификуван како 28-годишниот Усман Хан, кој живеел во грофовијата Стафордшир. Тој од поодамна им бил познат на безбедносните служби, откако во 2012 година бил осуден за терористички активности и припадност на терористичка група која имала намера да изведе бомбашки напад врз Лондонската берза на 16 години затвор, а бил ослободен во декември 2018 година. Според пишувањето на медиумите, по уславното пуштање од затворот носел електронска нараквица.

Џихадистичката групација Исламска држава соопшти во саботата дека нападот со нож во Лондон во кој во петокот беа убиени две лица го извршил нејзин борец.