Откриен нов сој на коронавирусот

Првиот случај нов сој на коронавирус под името XE идентификуван во средата во Индија, во градот Мумбај, соопшти oпштинската управа.

Откриен е и еден случај на сој капа, кој се појави во Индија во 2020 година, а индиските медиуми јавија дека пациентите заразени со новиот вид засега немаат сериозни симптоми.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) минатата седмица соопшти дека новиот мутиран сој XE може да биде позаразен од кој било претходен.

Овој вид е откриен на почетокот на 2022 година, а Британската здравствена агенција на 3-ти април објави дека XE првпат бил откриен на 19-ти јануари и оттогаш во Велика Британија се потврдени 637 случаи.

XE е „рекомбинантен“ и мутацијата е BA.1 и BA.2 омикронски подсоеви. Рекомбинантните мутации се појавуваат кога пациентот е инфициран со повеќе видови на коронавирус. Видовите потоа го мешаат генетскиот материјал за време на репликацијата и формираат нов сој, објаснуваат британските експерти во документот објавен во „Бритиш медикал журнал“.

СЗО проценува дека XE е 10 отсто позаразна од подсојот на омикрон BA.2.

„Прелиминарните проценки покажуваат дека ширењето на заразата е за 10 отсто поголемо во споредба со BA.2, меѓутоа, овие наоди бараат дополнителна потврда“, соопшти здравствената агенција на ОН.

Од 230 пациенти во Мумбај чии примероци се секвенционирани, 228 се позитивни на Омикрон, еден на сојот Капа и еден на XE.

Вкупно 21 пациент се хоспитализирани, некои од нив со кислородна поддршка. Од 21 пациент, 12 биле невакцинирани, додека девет примиле две дози.