Откриен организиран криминал со легализација на куќи во Шутка

Полицијата и обвинителството истражуваат криминал во Општина Шуто Оризари во врска со легализација на бесправно изградени објекти во општината, дознава „Нетпрес“.

Предистражната постапка трае веќе еден месец, а се трага по докази за злоупотреба на службената положба на вработени во општината, како и за фалсификување на документи. Обвинителството од Општината и градоначалникот Курто Дудуш побарало да се достави целокупната градежна документација која се однесува на 12 катастарски парцели, за кои постои сомневање дека биле предмет на злоупотреба.

Според документите до кои дојде „Нетпрес“, Основното јавно обвинителство постапува по барање на МВР, конкретно од Единицта за економски и компјутерски криминал во врска со сознанијата дека од страна на општината бесправно биле издадени решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кои што се изградени после донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Според обвинителството, во врска со случајот постојат основи на сомнение за сторено кривино дело злоупотреба на службента положба и овластуање по член 353 од Кривилниот законик, како и за сознанија за фалсификувана документација од страна на непознати лица подносители на барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со што постојат основи за сомневање за сторено кривино дело фалсификување исправа.

Инаку, за потсетување, општина Шуто Оризари во декември лани свечено им ги додели првите 100 решенија на граѓаните, за легализација на диво изградени објекти.

Ова е втор случај со криминал во општината откако во февруари годинава беше покрената истрага за корупција против С. М., советникот на градоначалникот  Дудуш, за кој тврдеа дека не е советник туку возач во општината.

Советник на градоначалникот на Шутка приведен за мито

Тој е осомничен дека како вработен во општината Шуто Оризари на 27 јануари во службените простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1.000 евра. Наградата осомничениот ја договорил и примил искористувајќи го своето влијание, да изврши посредување во вршење на службено дејствие, кое не би требало да се изврши. Имено, тој ги побарал средствата за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, соопшти денеска Обвинителството.