Откриена црна дупка најблиската на Земјата

Во ѕвездениот систем HR 6819, на само илјада светлосни години од Земјата, покрај двете ѕвезди кои се видливи со голо око, научниците откриле и црна дупка која е најблиската на Земјата, се наведува во статијата објавена во списанието Astronomy & Astrophysics.

Тим астрономи од Европската јужна опсерваторија (ESO) во соработка со колеги од други институти со помош на 2,2-метарскиот телескоп во опсерваторијата „ESO La Silla“ во Чиле ги проучувале структурните детали од ѕвездениот систем HR 6819 во соѕвездието Телескопиум. Овој систем е толку блиску до Земјата што неговите сјајни ѕвезди може да се видат од Јужната хемисфера без двоглед или телескоп.

Првично научниците го набљудувале системот во рамките на истражувањето на бинарните ѕвезди. Сепак, откако ги анализирале податоците од набљудување, биле изненадени кога во HR 6819 откриле трето претходно непознато тело – црна дупка. Проучувањата со спектографот FEROS покажале дека една од двете видливи ѕвезди обиколува сокриен објект на секои 40 дена, додека другата ѕвезда е на големо растојание од нејзината внатрешна двојничка.

„Бевме потполно изненадени кога сфативме дека тоа е првиот ѕвезден систем со црна дупка кој може да се види со голо око“, вели коавторот на студијата Петр Хадрава од Астрономскиот институт при Чешката академија на науките во Прага.

Поради тоа што оваа црна дупка е првата којашто нема силна интеракција со околинита таа не е видлива. Оттаму, дури со проучувањето на орбитата на ѕвездата научниците го утврдиле нејзиното присуство и ја пресметале нејзината маса со проучување на орбитата на внатрешната ѕвезда во овој бинарен систем.

„Невидливиот објект со маса барем четири пати поголема од масата на Сонцето може единствено да биде црна дупка“, објаснува Томас Ривиниус, водечкиот автор на статијата, научник од чилеанската канцеларија на ESO.

Изминатите години астрономите открија неколку десетици црни дупки во нашата галаксија Млечниот пат. Сите тие својата присутност ја откриваат со насилни интеракции со околината и со емитирање на воочливи зрачења. Но според научиците, за време на постоењето на Млечниот пат многу ѕвезди колабирале и создале црни дупки, а ова ново откритие на тивка црна дупка би можело да биде прво од многуте.

„Во Млечниот пат би требало да има стотоци милиони црни дупки, но ние знаеме за многу малку. Ова откритие и сознанието дека треба да се бараат ќе ни помогне поуспешно да ги пронајдеме“, вели Ривиниус.

Научниците веќе го истакнале предметот за следното проучување, односно ѕвездениот систем LB-1 во соѕвездието Близнаци.

„Сфативме дека LB-1, исто така, може да биде ваков троен систем, иако ни се потребни повеќе набљудувања за да можеме тоа да го кажеме со сигурност. LB-1 се наоѓа не многу подалеку од Земјата, но сѐ уште доволно блиску од астрономска гледна точка. Тоа би значело дека, веројатно, постојат многу повеќе вакви системи. Наоѓајќи ги и проучувајќи ги, можеме да научиме многу за формирањето и еволуцијата на ѕвездите со маса од околу осум пати поглема од масата на Сонцето, кои го завршуваат својот живот со експлозија на супернова и формирање црна дупка“, истакнува Маријана Хејда, научен соработник на ESO и едена авторите на статијата.

Астрономите сугерираат дека во сличните конфигурации, каде внатрешната двојка се состои од две црни дупки или црна дупка и неутронска ѕвезда, може да се појават спојувања коишто испуштаат премногу слаби гравитациски бранови за да бодат откриени на Земјата.