Откриена експлозивна направа во Париз, уапсено радикализирано лице

Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб потврди во вторникот дека полицијата уапсила поголем број лица по откривањето на експлозивна направа пред станбена зграда во Париз изминатиов викенд.

Еден од уапасените бил „радикализиран“, изјави францускиот министер за внатрешни работи, очигледно алудирајќи на исламистичка милитантност.

Министерот Жерар Коломб, во разговорот за радио станицата Frence Inter изјави дека откривањето на експлозивната направа во богатиот 16-ти арондисман на Париз предупредува на тоа дека Франција повеќе од кога и да е изложена на терористички напади.

„Полициските служби истражуваат. Она што можам да ви го кажам е дека меѓу лицата кои се уапсени…, еден е радикализиран“, рече Коломб.

Покрај тоа, правосудни извори соопштија за агенцијата AFP дека експлозивната направа пронајдена минатиот петок, била направена од четири плински боци.

Повеќе од 230 луѓе се убиени во исламистичките напади во Франција кои започнаа на почетокот од јануари 2015 година.

Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, чиишто позиции во Сирија и во Ирак ги бомбардира француската авијација во рамките на меѓународната коалиција предводена од САД, ги повика своите следбеници да ја напаѓаат Франција.

Во неделата војник на железничката станица во јужниот град Марсеј уби напаѓач вооружен со нож откако овој закла две жени.