Откриена колонија од загрозен вид рак полна со јајца на дното на Охридското Езеро

Нуркачите од охридскиот клуб „Акватек” на дното на Охридското Езеро открија колонија ракови полни со јајца, што говори дека овој некогаш загрозен вид сѐ повеќе го има во езерските води.

„При зимско февруарско нуркање наидовме на живеалишта од ракови со многу јајца. Ракот се смета за загрозен вид во Охридското Езеро, но еве се размножува и треба да го чуваме. Колонијата ја откривме на потегот Потпеш-Канео на 600 метри од брегот и на 10 метри длабочина. Температурата на водата беше седум Целзиусови степени”, велат од „Акватек”.

Овие ракови порано ги имало на брегот од Езерото, но сега брегот е узурпиран и ретко се среќаваат на тој дел.