Откриени 69 илегалци во првите 11 дена од годинава, шверцерите најчесто Грци

Од почетокот на 2015 година, па се до вчера, Министерството за внатрешни работи регистирало девет случаи во кои се откриени илегални мигранти. Интересен е фактот што оваа година најчесто превозници на илегалците се странски државјани.

Првиот случај од оваа година е регистиран на 3-ти јануари во близина на селото Прждево. Во овој случај се пронајдени шест илегалци од Авганистан, кои биле предадени во полициската станица во Неготино. Овој е еден од ретките случаи каде „превозникот“ е македонски државјанин.

По овој случај, Министерството за внатрешни работи регистрира четири нови, во кои има 24 илегалци од Сирија и Авганистан. Во два случаи превозниците се од Грција, а по еден се од Македонија и Србија.

Првиот, од четирите случаи е на граничниот премин Табановце, каде грчки државјанин се обидел да прошверцува тројца илегалци од Авганистан. Во вториот случај се работи за шверцер од Србија, кој е фатен кај Демир Капија со четворица Сиријци, а додека пак, во третиот, кој исто така се случил кај Демир Капија, превозникот е Грк. Тој превезувал пет илегалци од Сирија.

Последниот, четври случај, е во близина на селото Речица. Во овој случај, шверцерот на мигранти е Македонец, а истиот се обидел да превезе 12 лица од Авганистан.

По овие пет случаи, МВР во текот на вчерашниот ден, бележи уште четири нови, во кои има 39 илегални лица кои како транзит за земјите од Европската Унија ја користат Македонија, а потекнуваат од Авганистан, Сирија, Судан и Палестина.

Во последните четири случаи откриени се и малолетници меѓу кои и две тригодишни деца.

Во првиот случај, кој бил регистриран синоќа околу 22:30 часот, кај тунелите кај Демир Капија се пронајдени 15 илегални мигранти на возраст од 16 до 22 години. Сите 15 лица се од Авганистан, а во Македонија влегле преку илегален премин кај граничниот премин Богородица. Превозникот на 15-те лица бил Македонец.

Во вториот случај, шверцерите биле двајца грчки државјани. Тие биле запрени, кај наплатната рампа Градско. Во нивното возило имало шест илегални мигранти од Авгранистан. Меѓу откриените илегалци било и едно тригодишно девојче.

Пет илегални мигранти од Сирија, се пронајдени кај Демир Капија во третиот случај кој го открил МВР. Превозникот, најпрво се обидел да и избега на полицијата, но подоцна тој бил фатен.

Во последниот, четврти случај или вкупно 9-ти за оваа година, откриени се 12 илегалци. Превозникот е од Скопје и истиот е запрен на автопатот Гевгелија-Скопје. Во своето возило тој имал 12 мигранти од кои девет од Сирија, како и по едно лице од Авганистан, Палестина и Судан.

Од наведените случаи кои МВР ги регистирало во првите 11 дена од годината, откриени се вкупно 69 илегалци, главно од Авганистан и Сирија, а кривични пријави се поднесени против 10 лица од кои, по четири лица се од Македонија и од Грција, за едно лице не се соопшува дали е македонски државјанин или не е, како и еден шверцер од Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.