Откриени две црни кутии од урнатиот авион на „Ер Азија“

Нуркачките екипи кои трагаат по остатоците од авионот на авиокомпанијата „Ер Азија“ денеска успеаја да пронајдат две од црните кутии на леталото кое пред две недели се урна во Јаванското море.

Првата откриена кутија, што веднаш беше извлечена на површината на морето, ги содржи податоците за летот на авионот. Втората кутија, меѓутоа, која има записи од разговорите меѓу пилотите, се наоѓа под големо парче остаток од авионот на 32 метри длабочина и група нуркачи се обидуваат да ја извлечат.

Пронаоѓањето на двете кутии од авионот претставува голем напредок во потрагата по остатоците од леталото.

Црните кутии имаат клучно значње за да се утврдат причините зошто Ербасот на „Ер Азија“ се урна на 28 декември со 162 патници и членови на екипажот.

Првичните оценки на експертите се дека причина за уривањето на авионот било лошото време.