Откриени околностите за наредбата на Трамп за убиството на Сулејмани

Американскиот претседател Доналд Трамп ја донел одлуката за ликвидација на иранскиот генерал Касем Сулејмани во најголема тајност по нападот врз американската воена баз во Ирак кон крајот на декември, пишува агенцијата Bloomberg.

Во споменатиот ракетен напад од 27-ми декември 2019 година во базата на ирачките и американските сили близу градот Киркук, загина американски државјанин цивилно лице со договор со армијата, а уште четири војници беа ранети.

Потоа Трамп им наложил на најтесниот круг од неговите советници да започнат со подготовка на воздушен удар. Со тоа се занимавале советникот за национална безбедност во Белата куќа, Роберт О’Брајан, државниот секретар Мајк Помпео, помошникот на вршителот должност шеф на персоналот на Белата куќа, Мик Малвени, како и потпретседателот Мајк Пенс. За деталите од операцијата било разговарано преку безбедни комуникациски канали, а другите соработници на Белата куќа не биле известени за тоа, тврди агенцијата.

Покрај најблиските советници на Трамп, во планирањето на нападот биле вклучени и неколку членови на Советот за национална безбедност, чии имиња не се соопштуваат. Притоа Белата куќа донела одлука поради безбедносни причини за претстојната операција да не го извести Конгресот. Министерството за внатрешна безбедност било известено за ликвидацијата на Сулејмани веднаш по изведената операција.

Претходно изданието Politico, повикувајќи се на неименуван восок претставник на Пентагон, објави дека претседателот Трамп на војската ѝ ја дал наредбата за ликвидацијата на Сулејмани можеби два месеца пред бомбардирањето.

Според еден од изворите на Bloomberg, американската војска не го следела директно првиот човек на иранските специјални сили Ал Кудс, кои се дел од елитната иранска Револуционерна гарда. Одлуката за смртоносниот напад врз Сулејмани, Трамп ја донел по добивањето на разузнавачките извештаи дека генералот се наоѓа на меѓународниот аеродром во Багдад. Два други извора на агенцијата рекле дека Белата куќа го знаела точното време кога Сулејмани ќе долета во Багдад и ја следеле неговата маршрута.

Вториот човек според влијанието и моќта во Иран, генералот Касим Сулејмани кого го сметаат за архитект на зголеменото влијание на Техеран во регионот на Блискиот исток, беше убиен во американски напад со беспилотно летало во близина на аеродромот во Багдад. Покрај него, загинаa и челникот на ирачката милиција Абу Махди ал-Мухандис и уште десет ирачки шиитски доброволци.

Нападот бил одобрен од претседателот Трамп, кој го нарекол генералот Сулејмани „светски терорист број еден“, обвинувајќи го дека подготвува напади врз американски дипломати и војници. Техеран по нападот вети дека ќе им се одмазди за атентатот на САД „на вистинско место во вистински момент“.