Oткупната цена на пченицата треба да биде минимум 23 денари за килограм, бара НФФ

Жетватата на пченицата е во полн ек, но и оваа година полјоделците се соочуваат со истите маки. Откупната цена е многу ниска, 18 денари по килограм. Според трошоците за производство таа треба да изнесува минимум 23 денари по килограм, е ставот за тековната жетва на пченицата на Националната федерација на фармери (НФФ).

Според статистичките показатели производството на пченица опаѓа од година во година, се наведува во денешното соопштение од НФФ и се додава дека за период од последните 19 години тоа е опаднато за просечни 20 проценти. Од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони, до 200.112 тони во 2019 година, што е разлика од 44 проценти.

– Оваа година со поскапувањета е драстично зголемена и според пресметката на НФФ, во март 2022 година таа изнесуваше 20-23 денари по килограм, но со поскапувањата на горивата е уште поголемена. Продажната цена во моментот изнесува 18/19 денари по килограм. НФФ со години бара да се воведе интервентен откуп на пченица, кога продажбата е поголема од откупната цена на пченицата, потенцира Мемет Синани, полјоделец и член на УО.

Земјоделците од велешкиот, пелагонискиот и полошкиот регион, како што стои во соопштението, сметаат дека таа е со солиден квалитет, но приносите се намалени.

Најголем проблем со кои се се соочувуваат тие се климатските промени, односно брзите промени на температурата. На ваков начин се губи во квалитет на производот, a се појавуваат и болести.

– Она што посебно претставува проблем годинава се зголемените цени за нафта, бензин и ѓубрива за прихранување. Според пресметката на НФФ производната цена за пченица оваа година во зависност од регионот изнесува од 20 – 23 мкд по килограм, вели Стеванче Јорданоски, поледелец од пелагонискиот регион и член на УО на НФФ.

Пченицата е најважната култура во земјава која има најголем удел во вкупната површина под жита од околу 63 проценти во 2021 година.

Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство просечното годишно производство на пченица во периодот 2014-2020 изнесува околу 235.000 тони што е намалување од околу 16 проценти во однос на периодот пред 2014 година кога просечното годишно производство изнесуваше околу 281.000 тони. Северна Македонија за да ги задоволи своите потреби увезува пченица, најмногу од Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.