Откупот на праските тече, првите шлепери пристигнаа во Русија

Откупот на праските во Росоманско, како најголем производител на ова овошје, се одвива непречено. Повеќе камиони чекаа на откупните места и да заминат на пазарите во Русија, Косово и Црна Гора. Цената е од 15 до 20 денари за килограм.

Претставници од МЗШВ, кои беа на лице место, денеска соопштија дека првите камиони со праска без проблеми веќе стигнале на рускиот пазар.
„Килограм квалитетната праска се плаќа од 15 до 20 денари. Ги известувам сите овоштари да почнат да берат и да ги носат на откупниот пункт. Ќе се откупат сите понудени количини“, рече производителот Тони Јанев од селото Паликура.
Еден од откупувачите изјави дека е подготвен да го откупи целиот род, бидејќи имал потпишано договори за извоз во Русија, Косово и Црна Гора.
„Се товарат камиони за Русија и Косово. Нашите купци нѐ чекаат. Плаќањето на праските е веднаш. Секој ден ќе испраќаме по два-три шлепери“, нагласи Беким Скендели.

Според Трајан Димкоски од МЗШВ, се надминуваат проблемите со откупот.
„Можеме да кажеме дека 60 отсто од македонската праска оди на Рускиот пазар. Проблемите се надминати. Многу трговици се плашеа дали ќе бидат вратени.  Фитосанитарната лабораторија дежура и во сабота и во недела за примање и издавање на анализи, со цел производот да се извезе и да нема застој“, рече Димкоски.

МЗШВ спроведуваше едукација како производителите да се справат со болеста монилинија, а досегашната забрана за увоз на Руската федерација поради болеста, услови секој камион да има анализа од Државната фитосанитарна лабораторија. Нашите инспектори излегоа на терен и земаа мостри. Сите мостри засега се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар.