Отпишаните „Летечки магариња“ во Рим го совладаа Лацио

Фудбалерите на одамна отпишаниот од Серија А веронски тим Киево во саботата го направија изненадувањето на првенството, совладувајќи го среде Рим фаворизираниот Лацио со 2:1 (0:0) во 33-то првенствено коло.

Последното Киево кое минатото коло остана и без теоретски шанси за опстанок, во саботата ја оствари првата гостинска победа сезонава и тоа против екипата која се бори за четвртокот место и пласман во Лигата на шампионите минатата сезона.

Киево поведе со головите постигнати во 50 и 52 минута преку Емануел Вињато и Перпарим Хетемај, а во 68 минута за Лацио намали Фелипе Каиседо. Лацио играше од 35 минута со играч помалку, бидејќи беше исклучен Сергеј Милинковиќ-Савиќ.

Киево, кој првеството го започна со минус три бода поради грешки во трансферите, и натаму е убедливо последен со 14 бодови, девет помалку од претпоследниот Фросиноне, додека Лацио падна на осмото место со 52 бода, четири помалку од четвртиот Милан.

Фудбалерите на Парма и Милан одиграа без победник 1:1 во првиот саботен меч од 33-то коло на италијанското фудбалско првенство. Милан поведе со голот на Саму Кастиљехо во 69 минута, а израмни за домашните Бруно Алвеш на две минути пред крајот.

Милан остана моментално четврти со 54 бодови, но сега само два повеќе од петтата Рома и три од шестата Аталанта, кои имаат и меч помалку, кои ги играат против Интер, односно Наполи и тоа на гости. Парма е 13-та со 36 бодови, седум повеќе од зоната на испаѓање.

Калјари со голот на Жоао Педро во 27 минута од пенал на домашен терен го совлада Фросиноне. Калјари сега е 11-ти на табелата со 40 бодови.

Удинезе ремизираше 1:1 пред своите гледачи против Сасуоло. Гостите во водство ги донесе во 31 минута Стефано Сенси, а во 81 минута домашните израмнија благодарејќи на автоголот што го постигна Пол Лирола. Удинезе сега е 17-ти со 33 бодови, четири повеќе од 18-от Емполи на позиција која игра бараж за опстанок, и десет повеќе од 19-то место кое води во Серија Б. Сасуоло пак остана 12-ти со 38 бодови.

Токму Емполи во борбата за опстанок доживеа непријатен домашен пораз од 2:4 (1:2) од СПАЛ и се доведе во опасна ситуација на пет кола пред крајот. Емполи е 18-ти со 24 бодови и ќе му бидат потребни многу напори до крајот на сезоната. СПАЛ, пак, со 38 бодови е безбеден на 13-то место.

Болоња со 3:0 беше убедлив дома против Сампдорија. Гостинската мрежа со автогол во 55 минута ја начна Лоренцо Тонели, а потоа во 70 минута погоди Ерик Пулгар а во 84-та Рикардо Орсолини. Болоња дојде до значајни бодови и сега има 34 на 15-то место, пет бодови повеќе од опасната зона. Сампдорија е 9-та со 48 бодови.

Торино со голот на Кристијан Ансалди во 59 минута на гости кај Џенова го анулираше киксот на домашен терен од минатото коло, со што дојде до 7-то место со 53 бодови три помалки од последното место кое води во Лигата на шампионите. Џенова, на македонскиот капитен Горан Пандев кој не беше во составот на овој меч, остана на 16-то место со 34 бодови, пет повеќе од позицијата која води во доигрување.

Од 18 часот играат Јувентус и Фиорентија, а на „Старата дама“ од овој дуел ѝ е потребен и само бод за да ја потврди 35-та титула шампион на Италија, а осма последователно.

Вечерва се игра и дербито Интер – Рома, а во понеделник се среќаваат Наполи и Аталанта.