Со отпуштање на кадарот загрозена ИБ Програмата во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ во Центар

центар
По спроведувањето на бруталната партизација и назначувањето на Вилма Поповиќ за директор од страна на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, наставниот кадар се соочува со притисок и бркање од работа, од кој директна штета имаат учениците, но и целото училиште.
Имено ОУ “Св. Кирил и Методиј“ во Центар заедно со уште едно училиште од Општина Аеродром се единствените кои ја имаат привилегијата да ја спроведуваат бесплатно ИБ наставната програма, поради тоа што трошоците се целосно подмирувани од страна на централните институции, а дополнително се инвестирани и над 100 илјади евра за дообучување на наставниците кои веќе 3 години по ред ја имплементираат престижната наставна програма која ги поттикнува учениците да истражуваат, да го покажуваат својот талент, да развиваат вештини и стекнуваат трајни знаења.
Таквиот континуитет во реализацијата на наставната програма е прекинат по бркањето на десетина наставници, на кои градоначалникот Жерновски и директорката Поповиќ пред неколку месеци не им ги продолжија договорите за работа, за што е известен и Народниот правобранител, а на нивно место се вработени лица исклучиво по партиска линија.
И покрај тоа што родителите и самите ученици се задоволни од вработените, според последните сознанија на почетокот од оваа година е избркана уште една наставничка која е самохрана мајка, а пред неколку месеци беше избркана и психологот, исто така самохран родител.
Освен бркањето на кадарот кој што е неопходен за реализација на ИБ програмата чија акредитација е во завршна фаза, директорката Поповиќ делува и на друг потивок начин со кој го загрозува целиот процес.
Според сознанијата, во консултација со одредени лица надвор од училиштето, Поповиќ во моментов продолжува со вешто избегнување на одредени рокови и имплементација на мерки кои се неопходни и влијаат на финалната акредитација на училиштето, кое би станало меѓународно признато и прво од Македонија меѓу 3.500 училишта во светот кои работат по напредната меѓународна ИБ Програма.