Отровен зеленчук е увезен од Албанија во Македонија, Николовски и Бабовски да си поднесат оставки, ЈО да отвори истрага

МЗШВ и Љупчо Николовски наместо да се грижат за тоа каква храна јадат граѓаните, дозволуваат увоз на зеленчук со поголемо ниво на пестициди од дозволеното, вели Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Откако го урнисаа македонското земјоделство и го направија увозно зависно, почнаа да увезуваат отровен зеленчук од соседството.

До мене стигнаа документи од анализи на Државната фитосанитарна лабораторија при увоз на зеленчук во Македонија од Албанија, од кои се гледа присуство на пестициди повеќе од дозволеното.

Ова се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена крставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница.


Според наши сознанија неколку камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет. Ова се доказите.

Граѓаните освен што јадат скапа храна, јадат и небезбедна храна.

ЈО мора веднаш да реагира. Немаме време за комисии, работни тела и инспекции, потребни се итни мерки, брзи истраги и одговорност.

Овој штетен зеленчук може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално низ целата територија на Република Македонија.

Колку треба да биде профитот на некој поединец за да се дозволи труење на сопствените граѓани од страна на власта?

Ваква операција на труење на сопствените граѓани, не може да се спроведе без знаење на Љупчо Николовски и Николче Бабовски.

Бараме веднаш одговор и одговорност од директорот Николче Бабовски и министерот Љупчо Николовски.
Оставки за овој скандал мора да има.

Истовремено барам веднаш да се отвори истрага против Љупчо Николовски, како и за сите  вмешани во процедурите за испитување при увоз на храна.

Потребна е целосна ревизија и заострување на мерките при увоз на храна. Будно ја следиме ситуацијата, и порачуваме дека одговорност за ова ќе има.

Доколку ЈО го премолчи и ова, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот ден од преземањето на власта ќе отвори постапка и ќе изврши истрага кој и зошто допуштил македонските граѓани да консумираат небезбедна храна“, посочи Трипуновски.