Активисти на граѓанска иницијатива Охрид SOS, регираат дека во текот на вчерашниот ден се пронајдени мртви или во фаза на умирање неколку животни во селото Радожда близу Струга, меѓу нив и еден лебед. Животните се жртви на незаконско расфрлање отрови.
Ви ја пренесуваме интегрално нивната реакција:
Ние, активистите на Охрид SOS сме згрозени од последните труења на животни во Охрид и Струга и би сакале да изразиме сериозна загриженост за незаконското расфрлање отрови на територија каде живеат ретки и ендемски видови флора и фауна од огромно еволутивно значење и кои играат огромна улога во опстанокот на локалните екосистеми.
Во последните неколку месеци низ повеќе населени места во Охрид и Струга бевме сведоци на зачестени случаи на незаконско расфрлање отров- пестициди и инсектициди кои во Р.Македонија може да ги купи и дете во количина доволна да отруе цел град. Последиците од отровите беа полумртви и мртви бездомни и домашни кучиња и мачиња, а последната жртва е и еден примерок на нем лебед во селото Радожда.
Загрижени сме за последиците кои овие очигледно високо токсични отрови можат да ги имаат врз останатите диви видови кои се дел од уникатниот екосистем на Охридското Езеро. А бидејќи сите видови се блиску поврзани и дел од еден сложен ланец на исхрана, последиците можат да бидат погубни и за луѓето кои ловат риби од езерото за храна. На езерото има и птици преселници кои отровот можат да го пренесат и преку границите на државата.
Целата состојба станува уште поопасна поради својството за лесно продирање во подземните слоеви на почвата кое го имаат одредени видови отрови и на кој начин би можеле да ја контаминираат водата за пиење во регионот. Испарувањето на езерото би го донел отровот во контакт со атмосферата каде преку дождот би можел да контаминира и зарази поголема површина и да предизвика вистинска еколошка катастрофа.
Заради овие причини БАРАМЕ од надлежните институции да реагираат брзо и навремено, да ги фатат сторителите на делото незаконско расфрлање отрови на јавни површини и да спречат идни вакви активности. Бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање на Р.Македонија веднаш да реагира за случајот на труење на заштитен див вид во републиката- немиот лебед.
Испраќаме АПЕЛ до граѓаните да бидат одговорни и совесни и доколку имаат некои сознанија за труењата да пријават во надлежните институции.