Отсечени села и непроодни патишта како последица на снегот во Македонија

32

Снежните врнежи го блокираа сообраќајот на повеќе патишта во Македонија кон повисоките населени места, во сила се забрани за камиони преку повеќе планински превои, а движењето на возилата е отежнато и забавено.

Ависообраќајот на Меѓународниот аеродорм Скопје досега се одвива без проблеми и според информациите од веб страницата, се реализираат полетувањата и слетувањата.

– Во скопскиот регион се непроодни патните правци кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино во општина Чучер Сандево не се проодни, а тие села немаат и електрична енергија. Во општина Кисела Вода непрооден е патот од Теферич кон Сопиште, покажува извештајот за состојбата на патиштата до 13 часот на Центарот за управување со кризи.

Во Битолскиот регион, регионалниот патен правец Крушево – Пуста Река не е исчистен, но е прооден за теренски возила со зимска опрема, а во Прилеп сите магистрални и регионални патишта се исчистени и опесочени, проодни за сите моторни возила, освен регионалниот пат за Мариово, кој е од трет преоритет. Регионалниот пат Лагово – Витолиште, моментално е прооден за теренски возила. Во општина Долнени непроодни се патните правци за селата Маргари, Зрзе и манастиорот во село Зрзе. Прооден за сообраќај е и регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид.

Во охридско, во општина Македонски Брод, регионалните патишта за Кичево, Прилеп и Самоков се проодни, а непроодни се локалните патишта кон повисоките села Дренов, Крапа, Битово, Растеш, Заград, Волче, Ботушје, Бенче, Лупште, Звечан, Инче, Требовље, Брест, Косово, Рамне, Брезница, Могилец, Калуѓерец, Томино село и Сушица. Во општина Струга, непрооден е патот што ги поврзува селата во Малесија од село Присовјани до хидроцентрала Глобочица.

Според извештајот на ЦУК, во Велешко, во општините Велес, Градско и Чашка, екипите на Македонија пат, ЈКП Дервен и ГП Изгрев, се на терен и се чисти накај селата Отовица, Сујаклари, Мамутчево, Иванковци, Оризари, Клуковец, Сливник, Раштани и Бузалково. Патните правци кон Горно Јаблчиште и Богомила се тешко проодни. ЈП „Македонија пат“, според ЦУК, е на терен и работи на расчистување.

На подрачјето на општините Свети Николе и Лозово патот кон селата Немањици, Ранченци, Мечкуевци и Патетино, како и кон селата Трстеник, Сопот, Преот, Малино, Алакинци и Крушица не се проодни за лесни моторни возила, а се проодни за теренски возила.

ЦУК информира дека во кумановскиот регион, во општина Старо Нагоричане единствено регионалниот патен правец кон Србија – Пелинце е прилагоден за движење, додека патните правци кои гравитираат кон селата во козјачијата се тешко проодни.  Во општина Липково, тешко проодни се патиштата кои гравитираат кон повисоките села Гошинце, Лукаре и Малино. Регионален пат Ранковце – село Герман е прооден до село Пклиште, а оттаму до село Герман нема усклови за сообраќај. За теренски возила е прооден регионалниот патен правец Крива Паланка – село Огут, додека регионалниот патен правец Крива Паланка – село Луке е прооден во зимски услови. Локалниот пат од село Дурачка река местото викано Метоф кон село Дренак е непрооден.

Според извештаите на ЈП „Македонија пат“ и Аавтомотосојузот на Македонија, забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, патот Прилеп – Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос како и на патниот праевец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема (синџири). Од 12:15.часот  поради интензивни врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан.

Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) најави дека врнежите од снег од попладне ќе засилуваат, особено во западните и северните делови на Македонија, каде снежната покривка дополнително ќе се зголеми за 10 до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри.

Skin Delight