Македонија

Отстранување на таблите на автопатот со името „Александар Велики“

Отстранување на таблите на автопатот со името „Александар Велики“

Јавното претпријатие „Македонија пат“ на терен ги повлекува сообраќајните табли со досегашниот назив на автопатот „Александар Велики“ на Коридорот 10, а кои согласно одлука на Владата треба да бидат заменети со нови што ќе го содржат името „Пријателство“.

Од јавното претпријатие за државни патишта информираат дека веќе ги нарачале 19-те сообраќајни табли со новото име. Набавката на новите табли ќе ги чини 4.940.000 денари.

Со одлука на Владата, ново име доби и скопскиот аеродром, но се уште нема конкретни официјални информации за процедурата за замена на називот „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“.

„Го следиме развојот на настаните. Кога ќе добиеме детални инструкции од Владата, за извршување на Одлуката, ќе постапиме согласно тие инструкции. Според инструкциите ќе тече и процедурата за промена на знакот со името на аеродромот, што е активност која ќе бара задоволување на соодветни технички процедури, пред да се случи самиот чин на промена“, информираа неодамна од ТАВ, концесионер на македонските аеродроми.

Одлуката за преименување на автопатот и на аеродромот стапи во сила на 14-ти февруари, откако беше објавена во „Службен весник“.

Промената на имињата на автопатот и на аеродромот, како што објави премиерот Зоран Заев по средбата во Давос со неговиот грчки колега Алкесис Ципрас, е во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција.

Сегашното име на автопатот „Александар Велики“ се користи од јули 2008 година, а тоа име беше определено со одлука на претходната Влада. Од декември 2006 година, пак, исто така со одлука на претходната Влада, скопскиот аеродром доби име „Александар Велики“.