Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ по човек кој има фашистички ставови е провокација која нема допирна точка со добрососедство и пријателство, вели Мизрахи

За себе лично започна големиот еврејски празник Песах кој го одбележува излезот на Евреите од егзодусот од Египет. Во таков амбиент сметав дека ќе се помине мирно викендот, но баш на тој ден се случи тој немил настан поради тоа што концептот на култура беше заменет со провокација. Тоа не е согласност со договорот за добрососедство и пријателство и оди во насока на бројните провокации кои доаѓаат од Бугарија, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во „Што не е јасно“ Алфа говорејќи за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Таа истакна дека еден културен центар можеше да го добие било кој назив, друго име, а тие се одлучија за Ванчо Михајлов, контроверзна личност од минатото.

– Во неговите книги кои се издадени во Рим стои дека Македонците се говеда и деца на Сталин. Се работи за човек кој е контроверзен, има фашистички ставови, колаборира со нацистичка Германија. Станал советник на Анте Павелиќ, се обидува да направи и квинслишка држава во Скопје во 1944 година, но видел дека амбиентот не е погоден за тоа и заминува. Се чудам зошто баш ваква личност за кој има историски факти, наместо да се одбере личност која ќе биде во знак на добрососедство, рече Мизрахи.

Мизрахи истакна дека во исто време Бугарија го затајува меѓународното право во однос на случаите на македонските организации во Бугарија со 14 пресуди во Стразбур како и во рамките на договорот на двете држави каде стои дека треба да има меѓусебно почитување и дека треба да се поттикнува соработка.
– Од Бугарија изминативе години има најмалку 23 изјави кои воопшто не се добрососедски во кои тие велат дека Бугарија е до Охрид, дека македонизмот е измислен, но и дека не постои македонска нација и дека Гоце Делчев е Бугарин, потенцира Мизрахи.

Во врска со тврдењата дека Бугарите биле администратори во Втората светска војна, таа посочи дека документите зборуваат за окупација на оваа територија и две законски решенија, закон за нација и законот за еднократен данок, изгласани во собрание на Бугарија потпишани од Цар Борис како и законското спроведување на елиминација на македонските Евреи кон Треблинка.