Друштвото за спорт и рекреација – Спортски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ што се наоѓаат во Општина Аеродром, денеска свечено ќе бидат отворени.
На отворањето најавено е присуство и обраќање на премиерот Никола Груевски, инвеститорот на објектот Сергеј Самсоненко, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, генералниот менаџер на Спортскиот центар Надица Димовска и гереналниот менаџер на хотелот „Русија“ Дина Муцунска.
Ќе биде пуштена во употреба арената, односно централната сала со капацитет од 6.500 посетители, како и хотелот „Русија“, а ќе се отвори и помошната спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.500 посетители, како и конгресниот центар.
Дополнителните спортски капацитети планирани се да бидат пуштени во употреба до крајот на годинава, а тоа се тениски игралишта, фитнес и аеробик центар.
На западната страна од Спортскиот центар има обезбедено место каде ќе се продаваат спортска опрема и реквизити, а планирана е и игротека.
Во процесот на изградба на Спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, пет странски, како и околу 1.600 работници, а целиот проект беше завршен за 16 месеци.
Хотелот „Русија“ ќе располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Хотелот ќе содржи спа центар и руф бар.
Проектот е изграден со јавно приватно партнерство на компанијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и Општина Аеродром.