Отворен е конкурсот за годишни награди на ДПМ за 2024 година

Друштвото на писателите на Македонија го отвора Конкурсот за традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 година: „Стале Попов“ за прозно дело, „Ацо Шопов“ за поетска збирка, „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади, „Димитар Митрев“ за книга критика и есеистика и „Мост“ за книга напишана на некој од јазиците на националностите, информираат од ДПМ.

– На конкурсот за најдобри книжевни дела објавени во 2024 година можат да конкурираат автори на дела кои се активни членови на ДПМ, или нивните издавачи, со претходна согласност од авторот, а пријавувањето може да се оствари заклучно со 23 декември 2024, со достава на четири примероци од делото во просториите на ДПМ (лично, од понеделник до петок, од 9 до 13 часот, на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје, или по пошта). Пожелно е на електронската пошта на друштвото [email protected] да биде испратена и е-верзија (PDF/DOC фајл) од доставеното дело, стои во соопштението на ДПМ.

Од Друштвото нагласуваат дека за свое особено богатство ја смета својата интеркултурна димензија, поради што посебно внимание посветува на наградата „Мост“.

– Во конкуренција за „Мост“ можат да бидат поднесени дела објавени двојазично, на изворниот и на македонски јазик, или дела што ќе бидат делумно преведени на македонски јазик, специјално за конкурсот. За „Мост“ можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади и книги со книжевна критика и есеистика, а за учеството потребно е да бидат доставени четири примероци од оригиналното дело, како и (доколку делото не е објавено двојазично) четири примероци од превод на македонски јазик: најмалку 20 страници (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25% од книгата (за книги за деца и млади), појаснуваат од ДПМ.

Се предлага преводите да претставуваат смисловни целини (расказ, поглавје, есеј и друго), да бидат од различни делови/циклуси (доколку делото е поделено на делови/циклуси) и да бидат редактирани од говорител на македонски јазик.

– Дополнителен новитет оваа година во однос на наградата „Мост“ е тоа што УО на ДПМ одлучи да субвенционира половина од надоместокот за превод на извадокот на делото на македонски јазик, по цени што ќе бидат договорени со преведувачите/препејувачите на делата, и кои ќе се однесуваат на сите доставени преводи. Целта на оваа одлука е да се поттикнат авторите да конкурираат за наградата „Мост“ и да се обезбеди успешно издание на конкурсот, известуваат од ДПМ.

Добитниците на годишните награди на ДПМ за 2024 година ќе бидат објавени на прес-конференција во февруари 2025, а свеченото врачување на наградите традиционално ќе се одржи на денот на основањето на ДПМ, 13 февруари.

Добитници на годишните награди за ДПМ за 2023 беа: Блаже Миневски (роман: „Ако се родат некакви чувства“, Матица), Зоран Анчевски (поетска збирка: „Коњски житија“, Арс-ламина), Билјана С. Црвенковска (пиеса за деца: „Земјата на заборавените сказни“, Чудна шума) и Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (книжевна критика и есеистика: „Птици во аквариум“, Полица). Наградата „Мост“ минатата година не беше доделена поради недоволен број конкуренти (потребно е да се достават најмалку три дела).