Отворен тренинг центар на ФК „Вардар“ – проект вреден над 4 милиони евра

Отворен тренинг центар на Вардар - проект вреден над 4 милиони евра
Отворен тренинг центар на Вардар - проект вреден над 4 милиони евра

Професионалниот тренинг центар на Фудбалскиот клуб „Вардар“ денеска и официјално е отворен. Проектот, вреден над четири милиони евра, е реализиран по пат на јавно приватно партнерство на инвеститорот и сопственик на ФК „Вардар“, Град Скопје и општина Гази Баба.

На отворањето се обрати премиерот Никола Груевски, кој истакна дека станува збор за уште една капитална инвестиција во спортот со која Македонија добива по прв пат ваков тренинг центар кој е карактеристичен за големите фудбалски тимови во Европа.

Со ваков тренинг центар „Вардар“ влегува во рамноправна битка со фудбалските гиганти. Ние како Влада го помогнавме овој проект со обезбедување на земјиштето кое беше предуслов за почеток на оваа инвестиција, истакна Груевски.

Сопственикот на ФК „Вардар“ Сергеј Самсоненко искажа особено задоволство за добрата соработка со администрацијата во реализацијата на овој проект.

Одевме чекор по чекор кон нашата зацртана цел. Првиот објект беше спортскиот комплекс „Јане Сандански“, наменет за нашите два ракометни клуба. Следниот чекор беше да обезбедиме услови за нашата прва екипа ФК „Вардар“ – објект кој одговара на сите европски стандарди за тренинг во врвни услови и за остварување врвни резултати, изјави Самсоненко.

Спортскиот тренинг камп на ФК „Вардар“ располага со две фудбалски игралишта, комплекс за сместување на фудбалерите, теретана и фитнес центар.

На отворањето на професионалниот тренинг центар на Фудбалскиот клуб „Вардар“ во присуствуваа голем број спортски работници, пратеници, претставници на локалната администрација и други гости.