Отворен „Заедничкиот контакт центар“ за полициска соработка меѓу Македонија и Србија

На граничниот премин Табановце, денеска беше отворен Центарот за полициска соработка на министерствата за внатрешни работи на Македонија и Србија. Заедничкиот центар го отворија премиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Заедничкиот контакт центар за полициска соработка “Табановце“ ќе биде уште една вредна алатка во процесот на директната прекугранична соработка помеѓу полициските служби на Р. Македонија и Р. Србија, особено во делот на размената на информации“,“ истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерката Јанкулоска нагласи дека покрај тоа што овој центар ќе ги собере на едно место надлежните служби на двете земји и ќе овозможи зајакнување на меѓусебната доверба и побрза размена на информации, неговото ставање во функција наедноно значи и уште еден практичен показ за натамошна конкретна имплементација на одредбите содржани во Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, чија што потписничка е и Република Македонија.

„Контакт центарот – “Табановце“, сосема сигурно ќе претставува одлична поддршка за оперативните активности на двете полициски служби, пришто тој со примена на релативно едноставни процедури е дизајниран да овозможува брза размена на информации и брзи одговори на барања од сите области на граничното работење. Тоа се разбира го прави идеален механизам во секојдневните потреби на полето на граничното работење“, потенцираше министерката Јанкулоска.

Од своја страна српскиот премиер и министер за внатрешни работи Дачиќ истакна дека денешниот чин е уште една потврда на интензивната и блиска соработка што во континуитет ја имаат двете министерства, и дека таквите пријателски и отворени релации ќе продолжат и во иднина.
Контакт центаророт за полициска соработка ќе функционира на граничен премин кој што со преку 4.000.000 патници годишно, е еден од најголемите и најфрекфентните гранични премини за патен сообраќај на Р. Македонија.

Инаку, на средбата Јанкулоска и Дачиќ го парафираа Протоколот меѓу МВР на Република Македонија и МВР на Република Србија за соработка во текот на туристичката сезона во Република Македонија, а наедно министерката Јанкулоска на г-динот Дачиќ му го врачи и предлог-текстот на Протоколот меѓу двете министерства за прекугранично константно гонење што се очекува наскоро да се финализира и да биде потпишан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.