Отворена истрага за управител на фирма кој со лажни документи склучил договор со Владата за хигиена, вреден 3,4 милиони евра

Јавното обвинителство на Македонија отвори истрага против фирма и нејзиниот управител за злоупотреба на постапка за јавна набавка на средства за хигиена наменети за Владата, Претседателот и министерствата.

-Осомничениот управител преку правното лице во 2018 година со невистинити документи склучил договор со владината Служба за општи и заеднички работи за набавка на средства за хигиена. Договорот предвидувал јавната набавка да чини околу 3,4 милиони евра за рок од три години, а врз основа на договорот управителот и фирмата добиле од владата 25 проценти од договорената сума или неполни милион евра, соопшти ЈО.

Службата врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот на државата, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата и Уставниот суд. Во 2021 година истата фирма, повторно како дел од група фирми, се јавила во постапка за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата на РСМ.

Повторно врз основа на лажни документи, стои во соопштението, бил склучен договор со осомниченото правно лице како носител на групната понуда и му биле исплатени околу 350 илјади евра со ДДВ за извршување на обврските по јавната набавка, односно 40 проценти од вкупниот износ на договорот.

Надлежниот јавен обвинител му предложил на Основниот кривичен суд Скопје за осомниченото физичко лице да определи мерки на претпазливост односно забрана за напуштање на живеалиште, привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за располагање со парични средства од банкарските сметки на правното лице.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.