Отворена изложбата „Зад Македониумот“

Споменикот на Илинден во Крушево, познат како Македониум, е несомнено најкомплексното, најрепрезентативното скулптуларно-архитектонско дело, кое е возвишен израз на нашата современа уметност, скулптура и архитектура, рече во своето денешно обраќање претседателот Стево Пендаровски по повод отворање на изложбата „Зад Македониумот”.

Изложбата е отворена во Кабинетот на претседателот по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава, и е составена од скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на еден од нашите најпознати споменични обележја, Македониумот во Крушево.

Според Пендаровски, Македониумот е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и препрочитуваат во контекстот на современоста и актуелноста.

– Вечер имаме чест и привилегија да погледнеме во светот на интимните и деталните творечки процеси во повеќесложните наративи, визии, дилеми и перспективи кои се одвивале при уметничкото и архитектонското осмислување на Македониумот, дело на авторксиот тандем – скулптурот Јордан Грабулоски и архитектката Искра Грабулоска – рече Пендаровски.

Според претседателот, токму преку пристапот во конципирањето и реализација на Македониумот и на целиот пејсаж околу него, се гледа дека историското наследство може да биде стартна позиција за еманципирана и универзална иднина, а не просторна застоеност и ретроградност.

– Низ изложбата поставена овде која ќе биде достапна за широката јавност преку посета на платформата „Отворен Кабинет”, согледуваме дека станува збор за дело кое е многу повеќе од просторен објект што рефлектира само историски реминисценции. Напротив, Јордан и Искра Грабулоски низ своја уметничка перспектива создаваат дело кое е трансисториско и кое покрај во тогашните, лесно може да се вкотви и во сегашните актуелни текови на современата ументост и архитектура – додаде претседателот.

Она што, според претседателот, најмногу инспирира во делото на Јордан и Искра Грабулоски, а што може да го согледаме и низ оваа изложба, е тоа што преку конципирањето на споменикот во Крушево, свечено отворен на 2 август 74-та година , авторите настојувале да ги посочат автентичните корени на оваа земја, од која произлегуваат новите општествени и културно ументички парадигми.

– Историчарите на уметноста со право забележуваат дека Македониумот е доказ за принципот на демократизација на уметностите, величествен пример за тоа како еден комеморативен објект, посветен на конкретни историски настани, може да се трансформира во современ скулптурален простор на светот кој доаѓа – додаде Пендаровски.

Ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, Лира Грабул во своето обраќање денеска по повод отворање на изложбата, посочи дека Македониумот е симбол на македонската нација и историја, но и на индивидуалниот став на автори кои твореле во едно време, кога уметноста им припаѓаше комплетно на уметниците.

– Јордан беше вајар, а Искра архитект, па во естетиката на споменикот се чувствува синергијата која постоеше меѓу нив и сензитивноста на времето во кое твореа и живееа. Јордан беше исклучително креативен автор, нурнат во своите естетски, емотивни и умствени игри, а Искра беше керозинот и сврзниот двигател во процесот на раѓањето на споменикот. Заедничко за двајцата беше нивната храброст во естетскиот израз и фактот што беа свртени кон современата иднина – додаде Грабул.

Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност преку платформата „Отворен Кабинет” до 30 септември 2022 година.