Отворена нова поставка во Музејот на ВМРО

Автентични моменти од историјата од османлискиот период, па се втората светска војна, опфаќајки го и комунистичкото движење се опфатени во новата поставка на Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Идентитетот на македонскиот народ, неговите гордости, радости, херојство и срадање може да се види при посетата на овој Музеј, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

„Со самата посета на Музејот преку повеќе од 2.000 предмети од различни периоди, збирки на оружје, 153 восочни фигури, 106 слики, на посетителите им се овозможува едно неповторливо чувство да го почувствуваат она што му се случувало на македонскиот народ. Музејот е официјално отворен во 2011 година и радува фактот што за толку краток период е посетен од 110 илјади посетители, од кои 20 илјади се туристи од 70 земји, а 30 илјади се средношколци“, рече Канческа-Милевска.

Премиерот Никола Груевски, пак, рече дека автентичноста и уникатноста на музејските поставки им овозможува да им се доближи на посетителите дејството кое тогаш се случувало.

„Големата посетеност ни покажува на моментот дека со отворањето на овој Музеј се пополни празнина од минатото. Празнина која постоеше во нашето минато, која беше негирана од многу држави. Со новата поставка оживеаа моменти кои не треба никогаш да бидат заборавени и кои ја дополнуваат целата уникатна приказна проврзана со нашата историја“, рече премиерот Груевски.

Новата поставка ќе биде достапна за разгледување за посетителите од вторник.