Прва приватна детска градинка во рамки на колеџот „Јахја Кемал“ во Скопје денеска беше пуштена во употреба. На почетокот таа ќе згрижува шеесеттина деца, со можност за проширување на капацитетите во идниот период. Почетната инвестиција е околу 700 илјади евра, а планирана е и дополнителна инвестиција од околу 800 илјади евра. При изградбата на градинката колеџот ги користел поволностите за намалени комуналии за градба за 95 проценти.
– Ова е 26 приватна детска градинка која се отвора во изминатите неколку години и која влијае на отворање на дополнителни 1.550 места за згрижување деца од предучилишна возраст. Досега во изградбата и опремувањето на детската градинка се инвестирани околу 700.000 евра. Градинката нуди модерни и современи услови, на почетокот ќе згрижува 60-ина деца, но се планира натамошно инвестирање со кое вкупна инвестиција ќе биде околу еден 1,5 милиони евра, истакна на отворањето на градинката министерот за труд и социјална плолитика, Диме Спасов.
Појасни дека дополнителните инвестиции се во насока на зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст. Одлуката за отворање на градинката, рече Спасов, во „Јахја Кемал“ ја донеле по разговорите што ги имале со претставници на Министерството и презентирањето на поволностите кои можеле да ги искористат за оваа намера и, како што рече, ги поттикнле да отворат приватна детска градинка.
Министерот Спасов најави дека Министерството за труд и социјална политика и натаму ќе продолжи со низа инвестициии и во соработка со општините да отвора нови детски градинки.
– Во општина Карпош, каде се наоѓа и оваа градинка, во соработка со општината и градоначалникот и претседателот на Советот започнавме неколку инвестиции. Како Министерство започнавме со целосно реновирање на градинката „Пролет“ во Козле, исто така планираме во 2016 да инвестираме во објект кој ни го даде на користење општината за отворање нова детска градинка, рече Спасов, пренесува МИА.
Информира дека општина Карпош аплицирала за грант за средства од Светска банка преку Министерството за финансии кој веќе е одобрен, по што се очекува во 2016 година да започне со изградба на детска градинка во населеното место Бардовци.
Градоначалникот на општината Карпош Стевчо Јакимовски истакна дека како локална самоуправа заедно со МТСП планира да ја заврши реконструкцијата на градинката „Пролет“ во Козле.
– Потоа со средства на општината ќе се реконструираат градинките „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 и со грант од Светска банка ќе се гради градинка во Бардовци. Останува да биде реконструирана уште градинката во Карпош 4. Со ова практично сите градинки на територија на општина Карпош ќе бидат како нови, рече Јакимовски.
Додаде дека еден дел од ОУ „Вера Циривири Трена“ во Карпош 2 ќе биде пренаменет за приватна детска градинка.
– Сметам дека на ваков начин мрежата на детска заштита и основно образование ќе биде извонредно покриена на територија на општина Карпош, истакна Јакимовски.