Отворена првата делница од булеварот Христијан Тодоровски Карпош

Денеска и официјално беше отворен првиот дел од новоизградената траса од булеварот Христијан Тодоровски Карпош во општина Бутел,  на потегот од крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина до крстосницата со улицата Натанаил Кучевишки во должина од 1.000 метри.

Градоначалникот Шилегов присуствуваше на отворањето и направи увид во ситуацијата на терен во пресрет на почетокот на изградбата на втората делница.

Во моментов единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево е улицата Бутелска, која нема капацитет да го собере целиот сообраќај и на истата се создава голем сообраќаен метеж. Со новиот булевар скопјани добиваат ново модерно сообраќајно решение, со шест сообраќајни ленти, велосипедски и пешачки патеки и средишно зеленило. Сакам да ја најавам и втората фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, која ќе се одвива во наредните 18 месеци, од улицата Натаниел Кучевишки до Обиколница, за што Градот Скопје издвои 125 милиони денари, а градежните работи повторно ќе ги изведува компанијата „Пелагонија“-Гостивар, кажа градоначалникот Петре Шилегов.