Отворени 52. Рацинови средби во Велес

Во Велес синоќа беа отворени 52. Рацинови средби. На свеченоста, пред новата театарска зграда на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, беа врачени нововостановените награди „Антологија на болката“ на Сузана Мицева и во отсуство на наградениот Рамадан Рамадани и  „Напиши љубов во 140 карактери“ за најубава љубовна порака на социјалната мрежа Твитер.

Наградената Сузана Мицева пред бројната публика изјави дека таа десет години ја пишува својата љубовна поезија, а сега благодарение на „Рациновите средби“ и Издавачката куќа „Култура“ нејзините стихови се отпечатени во книга и ќе бидат достапни за пошироката литературна и читачка јавност.

– Беше голема одлука моите интимни љубовни стихови кои љубоморно ги чував и како жена да се отворам и да и ги претставам и на читачката публика, потенцира Мицева.

Синоќа во фоајето на новата театарска зграда организаторите на „Рациновите средби“ во соработка со Локалната библиотека „Гоце Делчев“ отворија и „Саем на книгата“. Свои изданија со попуст на читателите им понудија ИК „Култура“, ИК „Ѓурѓа“, ИК „Македоника литера“ и од издаваштвото на МПЦ.

Во амфитеатарот на Младинскиот парк беа презентирани архивски материјали на Државниот архив, односно проекција на филмската поема „Бели Мугри“.

Програмата на Рациновите средби продолжува денеска со промоцијата на стихозбирката „Мостот на копнежите“ на Сузана Мицева.

Попладне на Спомен костурницата ќе бидат засадени нови стебла млади дрвја во кругот на Спомен костурницата таканаречената „Рацинова шума“, а во чест на Рацин кој почива во Спомен костурницата.

Вечерва ќе се одржи манифестацијата „Процесија – Илјада свеќи за Рацин“ во Спомен куќата на Рацин, кај Градскиот саат, пред Споменикот на Рацин во центарот на Велес, а завршно кај Новиот мост на Вардар со свечено фрлање на Рацинов венец во Вардар.

Програмата ќе биде заокружена вечерва во 21:30 часот на Спомен костурницата со Свечено затворање на 52. Рацинови средби со уметнички перформанс „Бесмртна“ доделување на традиционалните награди Рациновото признание за 2015 на Димитрие Дурацовски и на Почесното Рациново признание за 2015 на Олга Панкина

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.