Отворени избирачките места во САД, а излезноста може да биде најголема во последните 100 години

Американците денеска избираат помеѓу Доналд Трамп и Џо Бајден на претседателските избори, во услови на огромна поделеност на нацијата и најтешката здравствена криза во поновата историја на земјата, кон која двајцата имаат сосема различен пристап.

Првите избирачки места традиционално беа отворени во Њу Хемпшир, но речиси 100 милиони Американци веќе гласаа во изминатите недели, голем дел од нив по пошта, што е најава за рекордна излезност во последните 100 години, но и на подолг процес на броење гласови.

Националните анкети му даваат солидна предност на Бајден, но разликата е помала во таканаречените свинг или критични сојузни држави, кои може да бидат решавачки за исходот на изборите.

Двајцата кандидати го искористија последниот ден од кампањата за завршен напор за придобивање на гласачите.

„Следната година ќе биде најдобрата економска година во историјата на нашата земја“, кажа Трамп пред своите приврзаници во Северна Каролина.

Американската економија забележа рекорден раст од 33% во третиот финансиски квартал од годината, откако беше во рекорден пад од 31% во вториот, како последица на пандемијата на коронавирусот.

Бајден од Охајо му порача на Трамп дека е време да си ги пакува куферите од Белата куќа.

„Завршивме со твитовите, омразата, гневот, неуспесите и неодговорноста“, кажа Бајден.

За победа на изборите, потребни се најмалку 270 електорски гласови, па како клучни држави се издвојуваат Флорида (29 гласови), Пенсилванија (20), Охајо (18), Џорџија (16), Мичиген (16) и Северна Каролина (15). Трамп, кој во текот на својот мандат се соочи со обид за отповикување и со сексуални и финансиски скандали, се врати во Белата куќа, каде што ќе ги следи резултатите од изборите.