3.8 C
Skopje
петок, ноември 29, 2024

Отворени три нови занимални во клонот „Детелинка“ во Ѓорче Петров (ВИДЕО)

Во клонот „Детелинка“-градинка „Росица“ во општина Ѓорче Петров денеска беа пуштени во употреба три нови занимални со капацитет од 100 места.

Со упис на деца во овие простории и со планска работа, општината успеа драстично да го намали, или речиси да го преполови бројот на најмлади кои чекаат за прием во градинка.

Градоначалникот Александар Стојкоски информираше дека и покрај потешкотиите на кои општината наиде, како што додаде, успеавме со сопствени средства да платиме негуватели и воспитувачи и со тоа да овозможиме услови за прием на нови деца во оваа градинка.

– Конечно успеавме да ги отвориме новите занимални со сопствени сили и сопствени средства. Ќе продолжиме да функционираме како што е неопходно за да им излеземе во пресрет на што е можно поголем број родители. Од прв ден се залагам кога се работи за деца, градинки и училишта да не штедиме средства. Ќе вложуваме максимално и во наставниот кадар. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај ресорното Министерството за труд и социјална политика да се реши статусот на ангажираните лица во градинките – изјави Стојкоски по пуштањето во употреба на новите простории.

Тој повторно апелираше до МТСП и Министерството за финансии да го забрзаат процесот на давање согласности за вработување за градинката во Волково.

-Очекувам ресорните министерства побрзо да реагираат во однос на согласностите за вработување во градинката во Волково. Со отворање на овие простории во руралниот дел, значително ќе се намали бројот на деца што чекаат за упис – додаде градоначалникот.

Годинава во општина Ѓорче Петров згрижени се 1.250 деца во градинките. Општината напорно работи на планови за отворање нови објекти.