Отворено писмо до амбасадорката Брнз: Бидете искрен пријател и застанете на нашата – македонска страна

Почитувана амбасадорке Брнз!
Трпеливо го прочитав Вашето отворено писмо упатено до мојот македонски народ, и веднаш наидов на нова навреда од Ваша страна кон мојата преубава Република Македонија. Ете пишувате „Вашата земја“. Зарем мојата земја е безимена?! Во ниту еден пасус не ѝ го споменувате името на Република Македонија, за да видиме дека вие сте вистински пријател, или вие сте пријател само кога сакате да ни протнете нешто што е на штета на Република Македонија.

Никогаш не заборавајте, г-ѓа Брнз, македонскиот народ го памети вашиот циничен однос кон него. Тој памети дека вие бевте тие коишто ни наметнавте вештачко име со додавка, придавка, со глупост од епски размери, и сега знаете дека 99 отсто од Македонците не ја прифаќаат таа додавка. Тогаш беше вашиот прв обид да нѐ обезличите, да нѐ одмакедончите.

Преку ноќ Македонците добија квислиншка власт, која ја погази волјата на граѓаните, кои на референдумот кажаа НЕ за промена на името. Не заборавајте, драга г-ѓа Брнз, дека веднаш, што би се рекло преку ноќ, беа донесени неуставни амандмани, беа нарушени и кршени човековите и уставните права на Македонците, а за политичката мимикрија и да не зборуваме, оти таа прејде кон ривалство и кршење на демократските права на Македонците, на оние што не сакаат да ја прифатат оваа ненародна власт.

Не заборавајте, вие, со т.н западни структури, направивте Македонија да биде институционално нападната, а власта која секојдневно уринира врз Македонецот, се претвори во група на проклетници кои се подготвени да ја распродадат и сопствената душа, само да останат на власт.

Очигледно е, г-ѓа Брнз, дека не ја познавате македонската историја, и затоа користејќи дипломатско-демагошки флоскули се мешате во нашите внатрешните работи. Отворете ги малку книгите по историја и прочитајте, па потоа пишувајте писма.

Македонија отсекогаш била Македонија, таа е овде каде што живееме, ама е и во Пиринскиот, и во Егејскиот дел. Македонците никогаш не се плашеле да им се спротистават, ниту на германскиот, ниту на бугарскиот фашизам, затоа што знаеле дека фашизмот е пустош за светската цивилизација. Ама, за жал, овие недоквакани политичари ги показија, и ги избришаа човековите вредности преку ноќ. Тие не почитуваат ништо што е македонско и свето, и затоа можете да си играте со нив како што сакате.

Почитувана амбасадорке Брнз, Ви се обраќам како што му доликува на домаќин, домаќински и отворено, и би ве замолил во иднина на мојот македонски народ да му се обраќате онака како што му приличи, со почит и достоинство. Сега, ова Ваше писмо, ние Македонците го сметаме за личен притисок, за закана, бидејќи преку ваквото, би рекол, и дрско пишување, се обидувате да не заплашите и покорите.
И самите добро знаете дека овој мој мирољубив народ, не го потпиша тој фамозен Преспански договор, за кого вие најмногу инсистиравте. Македонецот гласно кажа НЕ, а промената ја направија една рака лудаци. Тоа добро го знаете.

Не знам колку сте свесни, но убаво би било да Ви кажам дека вашиот (кога споменувам „вашиот“, мислам на сите вас кои нѐ туркате во бездна) Преспански договор ги прекрши и нашите лични човековите права и слободи, но и демократските права и принципи. Овој Преспански договор е спротивен на повеќето меѓународни правни акти. Како што се повелби, декларации, резолуции на Обединетите нации, на УНЕСКО, на Виенската конвенција итн. Сакам само да Ви напоменам, драга амбасадорке Брнз, Преспанскиот договор е најеклатантен пример за тоа како меѓународното право е прегазено под влијание на политиката оти со Преспанскиот договор повредени се универзалните демократски права и принципи. Како што се:

1. Правото на самоопределување и самоидентификација на народот и нацијата (Повелбата на ОН, чл. 1 и чл. 55), вклучувајќи и недискриминација, по која било основа;

2. Правото на поседување и самоопределување сопствен државно-правен идентитет или правото на самоопределување на државата (Повелбата на ОН, чл. 1. и јус когенс);

3. Правото на суверена еднаквост и правна еднаквост на државата во

4. ООН и надвор од ООН (Повелбата на ОН, чл. 2 став 1);

5. Правото на политичката независност и правото државата да не биде ставена во зависност од друга држава или меѓународна организација (Повелбата на ОН, чл. 2 став 4);

6. Државно право и немешање од страна во строгата внатрешна јурисдикција на државата (Повелбата на ОН, чл. 2 став 7);

7. Правото на недискриминација во членството на ООН и системот на ООН (Виенската конвенција од 1975);

8. Правото на еднаква суверена култура и неприкосновеност на културните и народните идентитети (Мексико, УНЕСКО, Декларација од 1982);

9. Правото на рамноправност во културната заемна соработка (УНЕСКО, Декларација од 1966);

10. Принципот на неректроактивно уредување на минатото (јус когенс);

11. Правото на недискриминација при зачленување во ООН (Сов. мислење на МСП од 1948, и Рез. на ГС од 1948);

12.Правото на самостоен избор на државното име и знаме во ООН и промена на истите тие (Внатрешните правила на ООН, основни права на членките);

13.Правото на недерогирана правна личност и субјективитет vis a vis ООН, како независен меѓународноправен субјект (Конвенцијата за привилегии и имунитети на ОН);

14.Правото на недопирливост на основните симболи кај земјите-членки во: името, знамето, грбот и химната;

15.Правото на независност и еднакви права во Повелбата на ООН, каде што покрај членките на ООН се појавува и самата ООН како договорна страна во Повелбата на ООН;

16.Оригинираното право на независен избор на сопствената самоидентификација на народот, како примарно право. (јус когенс), како и во делот на Виенската конвенција.

Имено, во одделот 2 (Ништовност на договорите) членот 46 предвидува дека државата може да се повика на прекршување на нејзиното внатрешно право, ако истото било манифестирано/очигледно и се однесувало на некое правило со фундаментално значење.

Членот 46 од Виенска Конвенција, пак, вели: Државата не може да се повикува на фактот дека нејзината согласност да биде обврзана со договорот изразена со прекршување на некоја одредба од нејзиното внатрешно право во врска со надлежноста за склучување договори како на причина за поништување на нејзината согласност, освен ако тоа кршење не било манифестно/очигледно и се однесувало на некое правило од нејзиното внатрешно право со фундаментално значење.
Според овој член и Виенската конвенција, многубројни биле прекршувањата на меѓународното право, почнувајќи од потпишувањето на Преспанскиот договор, преку референдумот, па сѐ до начинот на кое беше постигнато двотретинското мнозинство во парламентот. Постоеле најмалку 7 причини со кои договорот бил рушлив и имал правни празнини. Конвенцијата пак, предвидува дека договорот може да се раскине и поради притисок и уцена. По принципот bona fides.

Сиве овие повреди што се направени врз моите Македонци, ги потврдува и водечкиот американски експерт, професорот по меѓународно право Френсис Ентони Бојл, кој исто така кажува на ништовноста на Преспанскиот договор, заради низа повреди кои се направени врз Македонците. Впрочем, тоа најубаво сите вие го знаете и затоа сакате да не фрлите во уште една замка.

Еве, сега, по желбата на западно-фашистичкиот маштрап се удира повторно врз родољубивите и чесни Македонци, до степен на асимилација и наше непостоење. И затоа ќе Ви кажам г-ѓа Брнз, ако за вас, прашањата кои се содржани во предлогот се технички, за нас тие прашања не се едноставни, не се технички, оти ние Македонците треба да се откажеме од сѐ што е македонско. Вие ни предлагате да прифатиме бугарска тортура и да им го дадеме сето она што не успеала Бугарија да ни го одземе од нас, од Македонците, во текот на двете војни, и Првата и Втората светска војна, кога Бугарија беше на страната на фашизмот.

Не знам како не Ви кажале тие што се околу вас, дека на ова парче македонска земја се одиграле најкрвавите настани врз Македонците. И затоа, простете, тоа нема да мине кај Македонците. Сите ние имаме жртви од бугарскиот фашизам и нема да останеме ниту глуви, ниту слепи при очи, ниту лесни за манипулирање, затоа што тоа неможе да се заборави туку-така. И самите знаете дека предлогот не е совршен, ама вие не терате да го прифатиме по секоја цена, и под секое човечко достоинство. Затоа треба да се срамите, г-ѓа Брнз.

Нам не ни е потребно целиот овој случај повторно да ни го спакувате во украсна хартија со празни и болни флоскули, и така да ни го наметнете, како што тоа своевремено ни го направивте, кога ни ја урнисавте државата со насилната промена на името. Македонскиот народ не заборава. Дури и самите во вашето писмо ќе наведете дека одлуката е тешка. Па простете, навистина е тешко да се откажеш од сѐ што било твое од памтивек, од сѐ што е македонско, за кое гинеле нашите прадедовци, дедовци и родители. Затоа ќе ви речам, и вам и на сите душегрижници, доволно не фрливте во жива песок, од која тешко можеме да излезиме. А ако одлуката е наша како што велите, тогаш не требаше да пишувате писма и да ни сугерирате што треба да прифаќаме, затоа што народот кажува дека не сака вакви убиствени понуди.
Зарем треба да ви кажам, амбасадорке Брнз, дека народот масовно кажува НЕ – за ултиматумот и уценувањето кое ни го наметнаа во предлогот, кој оваа недостојна власт сака да го прифати и Македонија да ни ја бугаризираат. Вашите советници, почитувана амбасадорке Брнз, ако не Ви кажале, требало да Ви кажат дека со таквиот уценувачки предлог, власта прифаќа менување на учебници, менување на историјата, на историските настани, на значајните ликови од историјата, па дури и отворање на Уставот за да ни ги направат бугарските фашисти државотворен народ. Ви се молам, Бугарите во Македонија никогаш не биле државнотворен народ, туку само фашистичко-асимилаторски. Зарем нѐ терате да ги заборавиме македонските Евреи кои својата смрт ја најдоа во логорот во Треблинка одведени токму од бугарските фашисти и слични грозоморни чинови направени токму од бугарските фашисти.

Доколку сте вистински пријатели, ќе застанете зад вистината и зад Македонија, па ќе речете – доста е со понижувањата на Македонците! Ние знаеме дека ова власт е аморфна маса и нема достоинство и чест, па затоа прифаќа сѐ и сешто само да не го изгуби глувчешкиот комодитет. Тие забораваат дека народот не може повеќе врз својот грб да издржува секакви нахални типови. Ете, тие кои сега ви молчат ќе направат Македонија да биде вечен преговарач, или пак Македонија да ја стават во бугарската прегратка. Што значи, повторно ќе речам, чиста асимилација. Верувам, госпоѓо Брнз, не сте го заборавиле тоа, или сакате да го премолчите.

Оваа недостојна власт ги распродава и националните и државните интереси, а тоа народот, (врз кого сега со ова писмо вршите притисок), ги осозна намерите на власта и затоа Македонците се излезени на улиците и на барикадите. Тие не можат да гледаат повеќе национално предавство.

Еве, сега, да зборуваме и за тој фамозен модифициран француско-бугарски предлог, за кого Бугарите кажуваат дека сѐ е исто како и претходниот, а власта мисли дека народот е недоветен, та сега ќе го дозакопаа и по втор пат. Всушност, со тој француско-бугарски предлог, почитувана Брнз, јавно, на маса ставени се сите бугарски тврдења дека ние Македонците, сме биле измислена нација од периодот на титова Југославија. Значи според таквите бугарски тврдења ние сме биле Бугари. Ви се молам, откога знам за себе и за моите претци, откога знаат сите што ги познавам овие Македонци од Република Македонија, биле и останале, и ќе останат Македонци, никогаш, ниту помислувале да бидат Бугари.

Вистината е дека низ македонската историја разни пропагандни групи се обидувале да го асимилираат Македонецот, но не успеаја во таквата намера, затоа што Македонците знаеле што се, и каде припаѓаат. Ете, тие, во тој француско-бугарски предлог, убаво знаат, а убеден сум дека и вие убаво знаете, дека насила ни наметнуваат да кажеме дека сме биле Бугари, дека нашиот јазик постоел од 1945 година, дека цела Македонија била бугарска. Па ви се молам, од кого се бранеле Македонците да не бидат окупирани. Од фашистичка Бугарија, убаво знаете.

Ете, меѓу другото, и ова е дел од француско-бугарскиот предлог, во кој се содржани сите бугарски позиции. Македонската нација постоела од евајкаде. Уште пред Бугарите да осознаат што се. Затоа мојот македонски народ не може да прифати дека некогаш биле Бугари, и не сака да прифаќа ултиматуми, туку се бранители на европските вредности, како што впрочем и ни велеле европјаните, а не вака како што ни ја сервираат демократијата.

Впрочем, и Вие ни пишувате во отвореното писмо, дека:… „суштината на демократијата е слободата на избор“…. Па оставете нѐ сами да избираме, оти ако ова е демократија која сега ни ја нудите, простете, таква демократија и Европа, не ни е потребна. А за суштината на пријателството, за којашто вие ни советувате… „да ги поддржиме одлуките на нашите пријатели и да повикаме на храброст во времиња на предизвици“…. По сѐ изгледа дека од нас барате и сакате сосила да нѐ направите Бугари. Значи вие барате од нас Македонците да потпишеме лично самоубиство, да прифатиме асимилација и да исчезнеме од просторов.

Затоа, уште еднаш би Ве замолил, ако сакате да настапите како пријател, како што впрочем и пишувате на крајот од писмото, бидете искрен пријател, и застанете на нашата македонска страна. Така ќе го избереме најдоброто за нашата земја и за иднината на Република Македонија.

Имам уште многу работи да Ви напишам во ова отворено писмо госпоѓо Брнз, но само накусо ќе напоменам за Лисабонската декларација во ’90-те години, кога од нас, истите луѓе, истите држави бараа и не убедуваа дека не смее да биде името Македонија содржано во името на државата и затоа ни го ставивте БЈРМ, кога ние веќе бевме подготвени за влез на голема врата во Европската Унија. И тогаш, ако вие добро се сеќавате, само Словенија и Македонија беа чисти како што бараа препораките на ЕУ за влез во ЕУ, ама ја раскостивте Македонија. Затоа, најдобро е да побарате од актуелната власт да си отиде од власт и да почне Македонија да живее и функционира онака како што треба и заслужува, оти сѐ што е поинаку, е доказ дека западните структури го сопирате напредокот на мојата држава, Република Македонија.
Вие, почитувана госпоѓо Брнз, како дипломат-гостин, не ви прилега да ја сквернавите мојата Татковина, Република Македонија, и јавно да ни наметнувате глупави флоскули.

Затоа би Ви порачал, тргнете ги вашите шепи од мојата татковина, оти кога не сакате искрено да помогнете, (туку само да ни ги замрсите сѐ повеќе и повеќе работите, и да не чуе злото, да ни направите граѓанска војна), оставите не сами да си ги решиме проблемите кои ни ги наметнаа разните мешетари.

Убаво знаеме кои се методите на демократијата на западните центри. Тоа секојдневно можеме да го видиме на ТВ-екраните, да ги прочитаме на интернет, да прочитаме на Викиликс и да дознаеме од документите со кои доктрини се служел западот за да владее со светот. Тепање, убивање и уништувањето на цели народи и цивилизации. Тоа се методите?! Ние како обични граѓани не сакаме да бидеме дел од тоа, оти тоа што го направи одредена политичка гарнитура од 10-ина луѓе, за да ви се приклони, и да ви се допадне, не значи ништо, затоа што масата на народ тоа не го сака. Претходно некои можеби не можеа да ги видат работите како што треба, но сега, кога се открија црните сценарија јасно им стана на сите што всушност се сака да се направи од Македонија. Народот во Македонија вели „со лага, ага не се бидува“. А лагите готово завршија, на сѐ има крај.

Еве и вашиот сонародник, г-дин Едвард Џозеф, кој своевремено беше шеф на Меѓународната кризна група за Македонија, ви укажува г-ѓа Брнз, дека само Македонците можат да одлучат за предлогот и ниту еден друг, а најмалку човек од надвор, да донесува одлука во нивно име.

Прво, како што вели господинот Џозеф, на Македонците е да одлучат, во демократска дебата со целосна транспарентност и обелоденување, дали предлогот за пристапување во ЕУ ги штити нивното достоинство, безбедност и идентитет. Ниту еден аутсајдер не може да донесе таква определба за нив.

Второ, г-ѓа Брнз, повторно како што вели господинот Џозеф, она што може да го направи аутсајдер – особено САД, како „сојузник, партнер и пријател“ на Македонија-е да ги поддржи своите препораки со вистинска поддршка. Во друг критичен момент, во ноември 2004 година, претседателот Џорџ В. Буш им покажа на Македонците како изгледа американското пријателство со признавањето на уставното име на земјата – поради силните грчки приговори.

Ако е точно, додава господинот Џозеф, дека актуелниот предлог за пристапување во ЕУ, како што пишувате, „го признава македонскиот јазик и идентитет“, тогаш тоа може да го стори и САД, притоа додавајќи дека Претседателот Бајден може да го афирмира македонскиот идентитет во Билатерален културен договор, користејќи текст од Договорот од Преспа, како што е опишано во неговиот напис @ForeignPolicy од 22-ри јуни, а ако Бугарија веќе го направи тоа, како што предлагате, тогаш од Софија не треба да има приговор.

Исто така, г-дин Едвард Џозеф, ќе го напомене и следното:.. „Ако е вистина дека предлогот за пристапување во ЕУ, исто така, го „заштитува (македонскиот јазик и идентитет) од понатамошни предизвици“, тогаш Софија има уште помалку причини да приговара. САД едноставно би го потврдиле она што Бугарија веќе го потпишала“…
Во својот трет дел г-дин Џозеф, ќе наведен, г-ѓа Брнз, дека:.. „овој гест сигурно ќе добие широка поддршка меѓу етничките Македонци и Албанци во земјата“….
Во четвртиот дел од стручното гледиште на господинот Едвард Џозеф, стои:… „колку и да изгледаат таинствени спорови за идентитетот, јазикот и историјата, тие обично кријат вистински закани за безбедноста“…. Па ќе дополни дека:… „Бугарија, предводена од нејзиниот претседател Румен Радев, се посрамоти со своите навреди, провокации и барања – и закани – кон својот помал сосед, Македонија. Интересите на САД и ЕУ лежат во тоа што соседите се справуваат со таквите прашања преку дијалог и дебата меѓу експертите, како што е предвидено во Договорот за пријателство од 2017 година, кој Бугарија флагрантно го прекрши“…, ќе наведе г-дин Џозеф.

Па според ова, се гледа кој е вистински пријател на Република Македонија, г-ѓа Брнз, и затоа ќе ве замолам, нема потреба повеќе да го замајувате македонскиот народ со вашата „искреност“ за Република Македонија. Притоа заборавате на фотографијата на која сте со човекот кој на Македонија не ѝ нуди никаква светла иднина. Вие сте во друштво со човекот кој сака да не бугаризира, и да не обезличи, вие сте во друштво со одродот на Македонија.

Зоран Пејковски,
драмски писател

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.