Отворено писмо на група македонски интелектуалци: Македонскиот идентитет не смее да биде основа за политички диктат

Како проучувачи на македонската историја и култура континуирано реагираме на современите политички и општествени предизвици со пишан збор и со јавен настап. Постојано укажуваме на тоа дека целта на ИСТОРИЈАТА како наука е да нè подучи свесно да го разбереме минатото за правилно да се однесуваме во сегашноста и правилно да постапуваме во иднина. Затоа и ја претпочитаме нејзината научна закономерност пред политичките и идеолошките влијанија, притисоци и импровизации на политичките фактори, ова преку отворено писмо го истакнуваат македонските интелектуалци.

-Оттука, уште пред три години аргументирано и јасно укажавме на асиметричниот карактер на Договорот за добрососедство со Бугарија и на штетните последици што ќе произлезат од него. Исто така, укажавме и на сериозните обврски што ги презема Република Македонија со потпишувањето на Преспанската спогодба со Грција, што резултира не само со промена на уставното име туку и со откажување од асномските државотворни одлуки. Ова пак, влијаеше и на внатрешниот и на надворешниот политички живот на македонската држава втемелена на решенијата на Првото заседание на АСНОМ одржано токму на историскиот 2 август 1944 г. и создадена од претставници од сите краишта на етногеографска Македонија, од сите социјални слоеви, вери и националности. АСНОМ претставува заокружување на дотогашните борби на македонскиот народ, кој во сите историски бури – старомакедонски, Климентови, Самуилови, Карпошови, илинденски, партизански, референдумски и др., внесува своја содржина. Во сите овие процеси на заемна интеракција и симбиоза на единствениот простор – Македонија, се одвива посебниот историски развој на македонскиот народ, се создава неговиот идентитет, стои во нивното писмо.

Тие додаваат дека токму затоа ние, потписниците на ова писмо, најостро реагираме на негаторската политика што ја застапува бугарската влада и уште еднаш најенегрично изјавуваме дека историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската култура и литература, односно сето она што го дефинира македонскиот идентитет не смее да биде основа за политички диктат, ниту предмет на расправа на т.н. заеднички комисии.

-Сметаме дека актуелните политички и општествени чинители треба да дејствуваат во насока на заедничко разбирање и на заемно почитување на сите народи, и тоа врз основа на демократските начела на современото цивилизациско поимање, без да се проблематизираат посебните македонски вредности што се создадени во текот на изминатите векови. Едногласна е нашата определба да го повикаме македонскиот политички врв да не подлегне на притисоците и да не дозволи присвојување на македонската историја, на  македонскиот јазик и на македонското културно наследство, како и негирање на македонскиот национален идентитет од страна на Р Бугарија или на која било друга земја, зашто тоа е во спротивност и со вредностите и со принципите на кои е изградена и функционира Европската Унија, истакнуваат интелектуалците преку отвореното писмо испратено до медиумите и јаснова.

Скопје, 23.11.2020 г.

Потписници:

проф. д-р Новица Велјановски

проф. д-р Нада Јурукова

проф. д-р Тодор Чепреганов

проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова

проф. д-р Илија Велев

проф. д-р Лилјана Гушевска

проф. д-р Симона Груевска-Маџоска

проф. д-р Ѓорѓи Чакарјаневски

проф. д-р Виолета Ачкоска

проф. д-р Мишо Нетков

проф. д-р Танас Вражиновски

проф. д-р Елка Јачева-Улчар

доц. д-р Славчо Ковилоски

доц. д-р Соња Николова

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.