Отворено писмо на инспекторот Ѓорѓи Илиевски до Претседателот на Републичкиот судски совет

Вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски испрати отворено писмо до Киро Здравев, претседател на Републичкиот судски совет.

Истото отворено писмо ви го пренесуваме интегрално во продолжение:

Почитуван претседател  Киро Здравев,

Согласно Законот Судскиот совет во Република Македонија, има својство на правно лице. Тој е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојнoста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите. Ви се забранува политичко организирање и дејствување на Советот. Судскиот совет меѓу другото има надлежност: да ги избира и разрешува судиите; да ги избира и разрешува претседатели на судовите; да утврдува престанок на судската функција; да избира и разрешува судски поротници; да ја следи и оценува работата на судиите; да одлучува за дисциплинските одговорности на судиите; да утврдува нестручно и несовесно вршење на судскст функција; да постапува по преставки и поплаки на граѓаните и правните лица за рботата на судиите и слично.

Почитуван претседател  Киро Здравев,

Практиката за третата власт покажува дека се делува и работи спротивно на законот. Општа е перцепцијата  дека судството во Република Македонија е корумпирано, криминално, зависно од политичките партии на власт, односно подпаѓа под влијние на извршната власт. Евидентни се селективни судења поради што нема правна сигурност, што не е  европска судска пракса.

Почитуван претседател Киро Здравев,

По мое барање со Вас  е обавена средба на ден 12.02.2020 година (по моја преставка 03-2163/1 од 31.12.2019 г.), со кој конкретно Ве запознав за Основниот суд Струга, кои повеќе од пет години се водат судски прекршочни постапки од страна на Државниот просветен инспекторат против Меѓународниот универзитет Струга. За ова знае и претседателот на судот во Струга. Запознати се и амбасадите во нашава држава, дека повеќето донесени прекршочни постапки се ослободителни. Пресудите се однапред јасни. Не може да се пресуди ништо против струшкиот универзитет, зашто некои судии од струшкиот, битолскиот и Управниот суд се, или биле вклучени, во активности на овој универзитет. Кон оваа треба да се додаде и политичкиот момент поради блискоста на некои политички активисти со овој универзитет. На овој универзитет се констатирани законски пропусти согласно Законот за високо образование со ненострифицирани дипломи на странски студенти, ненострифицирани дипломи и избор во наставно-научни звања како што е примерот со градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, потоа на нотарката Беса Кадриу во наставно научно звање доцент, понатаму ангажираноста на заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, а градоначалникот дури и во вонреден професор. За какви судии станува збор, каде е нивната професионалност,  независност иравичност?

Исто така, почитуван претседател, Ве запознав за работата и постапките на Основниот суд во Тетово, каде од страна на Државниот просветен инспекторат се поднесени прекршочни пријави за јавни функционери, и тоа против (поранешниот) министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на индустриска сопственост Сафет Емрули сите од Универзитетот Тетово – Правен факултет. Посебно Ве запознав за   судиите Јасмина Лазароска и Хуриете Цека кои  донесуваат  ослободителни пресуди. Донесените пресуди од страна на судиите се пристрасни, непочитување на еднаквост и рамноправност и не се врз основа на владеење на правото. Јас би додал дека се тенденциозни и непринципиелни.

Почитуван претседател Киро Здравев,

На средбата ветивте дека  ќе постапите по мојата преставка (03-2163/1 од 31.12.2019 година, во кои ви беше презентирана и документација), согласно надлежноста на Советот и Законот. Да повторам почитуван претседател, на обавената средба на ден 12.02.2020 година,  ми ветивте дека ќе постапите согласно надлежностите на Советот да се превземаат соодветни дисциплински и други мерки, а тоа значи со можност за разрешување на судии, ако се  утврди незаконитост со престанок на судската функција, за дисциплинска одговорност на судиите, за нестручно и несовесно вршење на судската функција. И дека благовремено ќе бидам писмено известен. Почитуван претседател, до ден денешен не сум известан ни усно ни писмено од Вас. Ова го пишувам на денот на независноста на Македонија (08.09.2020г.)

Почитуван претседател Киро Здравев,

Само да ве потсетам, Зоран Заев како  премиер изјави дека: „ судството го отворил како пупка“, еве мала анализа за распупеното  судство и начинот на напредувањето по политички нарачки: судијата Гордана Спиреска определи притвор по барање на СЈО за Сеад Кочан, сега по награда е член на Судскиот совет. Судијата Лидија Трајковска Зимбовска е унапредена на судии во Апелациониот суд Скопје, судијата Ѓоко Ристов е унапреден (политичка награда) во Апелациониот суд Скопје, кој за насилството го опомена Курто Дудуш градоначалникот на Заев од Шутка. Судиите Сафет Кадрии и Цветанка Периќ се унапредени во Врховен суд.

Против судиите во Врховен суд кои одлучуваа за предметот Кочан и тоа: Јово Вангеловски, Ристо Катавеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити, Рахилка Стојковска и Ќиро Здравев, има интересна ситуација, Вие Ќиро Здравев сте унапреден во претседател   на Судскиот совет, судијата Фаик  Арслани е в.д.Претседател на Врховен суд, а судијата Џемали Саити за кратко  ќе добие втор мандат (ако не ја  добил) како претседател на Здружението на судии, каде десна рака ќе му биде Петра Кабранова ќерка на главниот уредник на 1ТВ Ацо Кабранов.

Она што е интересно што за сите овие судии од Врховен суд, Судскиот совет за сите поведе постапка за разрешување но на интересен начин постапката е запрена за унапредените, а разрешени се Вангеловски, Стојковска и Катавеновски, токму така како што Зоран Заев нарачува и се фали по објавена „аудио бомба“. Ова е доказ дека судството е во рацете на политички послушници.

Во ова прилика Почитуван претседател на Републичкиот судски совет, сакам Ве запознаам, иако самите знаете, дека не функционира правото и  правниот систем во Македонија. Очекувам да ми одговорите.

Со овој јавен допис што Ве известувам, ќе ги запознаам  и македонските средствата за јавно информирање. Секако и македонските амбасади во Македонија.