Отворено писмо од „Сакам да работам“ до Пендаровски: Бидете претседател на сите граѓани, не дозволувајте да не избркаат од Македонија!

Здружението на вработени во секторот Игри на среќа „Сакам да работам“, денеска се обрати со отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски. Причина за ваквата реакција е вчерашното излгасување на Законот за игри на среќа во Собранието.

Во прилог интегрално го пренесуваме отвореното писмо на „Сакам да работам“ до Пендаровски.

Почитуван Претседателе Пендаровски,

Вчерашното гласање за противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа од мнозинството пратеници ни предизвика горчина во душите. Многумина од нас со право почнуваат да се прашуваат дали да бидеш Македонец во сопствената земја станува хендикеп? Отворено си ја поставуваме дилемата дали ќе се изгласаа вакви измени ако се однесуваа на работодавец во кој доминантно се вработени припадници на друга помала етничка заедница?

Бидејќи владата и дел од пратениците повеќе од една година буквално избегнуваат да не погледнат во очи и да ги сослушаат нашите аргументи, со ова отворено писмо, ќе се обидеме сликовито да ви објасниме што преживуваат 10 илјади вработени со своите семејства чекајќи дали вие ќе го потпишете указот за стапување во сила на скандалозните и противуставни законски измени на Законот за игри на среќа. Само, за разлика од предизборниот популизам на таканареченото движење „Антикоцкање“ од Тетово и другите дежурни критичари кои нема да носат никаква одговорност за страшните последици кои ќе следат, ова се реални животни драми.

Вака изгледаат сведоштвата на вработените во секторот игри на среќа:

„Се вработуваш во компанија која од владата и е издадена лиценца за приредување игри на среќа. Странски инвеститори, познат во светски рамки. Тоа ти влева самодоверба дека си добил сигурна работа. Во ова време на економски потреси тоа е реткост. Одиш на платена обука, стекнуваш високи професионални вештини. Почнуваш да работиш, добиваш редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и работење во смени, бидејќи работното време е 24/7. Стекнуваш финансиска сигурност. Стапуваш во брак, ти се раѓаат деца, решаваш да подигнеш кредит за да купиш стан, автомобил, бидејќи си во финансиска кондиција да ги плаќаш ратите.

Одеднаш, истата Влада која издала лиценца за работа, со ЕУ знаме предлага законски измени кои треба да ги затворат легалните објекти за игри на среќа. Евроамбасадорот јавно ги прозива надлежните дека ги злоупотребуваат скратените собраниски процедури за измени што немаат врска со европското законодавство. Дел од политичките партии неосновано обвинуваат дека ние што работиме во обложувалниците и автомат клубовите сме дел од економски сектор кој и штети на младината. Како родител на малолетно дете не можеш да прифатиш дека се води безобзирна црна кампања за гласови во која не се избираат средства да те оцрнат како криминалец. Мнозинството пратеници не само што не сакаат да ти го чујат гласот, туку не дозволуваат ниту гласање на амандман кој треба да зачува 10 илјади работни места. Те фаќа несоница од помислата дека остануваш без работа. Нема да можеш да ги плаќаш кредитите, те обзема страв дека ќе си имаш работа со извршители. Немаш избор, почнуваш да бараш контакти во странство за да дознаеш какви можности имаш да работиш таму. Пишуваш биографија и ја испраќаш. Со искуството во индустријата игри на среќа можеш веднаш да најдеш работа во западните земји, во ЕУ. Со тешко срце почнуваш да го подготвуваш семејството дека нема друг избор освен да си го барате чарето во туѓина.“

Почитуван Претседателе,

Знаеме дека е изборна година и дека речиси се’ се мери низ призмата на политички интереси и број на гласови. Сепак, вашето јавно ветување дека нема да го потпишете указот за стапување во сила на овие законски измени ни дава надеж дека човештината е сеуште посилна од интересот. Државниот завод за статистика неодамна излезе со поразителен податок дека 12 илјади луѓе годишно се иселуваат од Македонија. Ако потпишете, ние сакале или не’ заедно со своите семејства стануваме 35 илјади нови кандидати за иселеници.

Бидете Претседател на сите граѓани, не дозволувајте да не избркаат од Македонија!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.