„Ова не е живот“ – Јанакиески до обвинителката Стефановска, состојбата му се влошува, ќе се бара домашен притвор

„Ова не е живот“ – и рече поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на обвинителката Лиле Стефанова од СЈО на денешното рочиште за изградбата на кинеските автопати.

Обвинителката го посоветува да не си го уништува живот и да почне да зема храна. Синоќа Јанакиески се пожалил на болки во бубрезите и бил прегледан во болницата „8 Септември“.

„Штрајкот е револт на однесувањето и определувањето на мерка притвор, иако тој е тука. Две години е постојано во судница, три пати во притвор, актуелно во куќен притвор и секогаш е достапен и нема ниту една забелешка од ниту еден орган кој до сега го спроведувал куќниот притвор“, вели адвокатот Еленко Миланов.

По лекарската помош е вратен во притвор во Шутка. Поранешниот министер за транспорт е во притвор како организатор на настаните од 27 април. Тој е обвиниет во повеќе случаи и повеќе пати му беше определуван притвор, па мерката заменета со домашен притвор, повторно враќан во Шутка.

Неговиот адвокат алармираше дека здарвјето на Јанакиески е сериозно влошено и најави дека ќе бара домашен притвор.

„Законскиот услов за прво ревидирање по службена должност е со истекот на 30 дена, така што ќе видиме, ќе размислиме дали евентуално ќе пуштаме некој предлог за промена на мерката притвор бидејќи во таа насока да шпуштиме предлог и барање нема законско ограничување, но исто така нема ни обврска да судијата на претходна постапка кој што во овој момент е надлежен, да ни даде одлука“, вели адвокатот Миланов.

Денеска опзициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека десетмината осомничени непотребно се во притвор, бидејќи мерката им била одредена за да не влијаат врз сведоци, а според сознанијата на партијата, обвинителството во досегашната постапка нема сослушано ниту еден сведок.

„Кога веќе обвинителството нема сведоци во постапката, нема логика зошто да се држат во истражниот затвор „Шутка“. Овој случај, како и многу други само покажуваат дека власта наместо вистинска борба со криминал, се служи само со прогон на своите неистомисленици во случаи кои се политички мотивирани со цел да се замолчи јавноста и да се заплашат сите оние кои се критички настроени кон криминалниот картел на власт“, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.