Досега, околу 6,5 милијарди дози на вакцини против коронавирусот се администрирани ширум светот во најмалку 196 земји, пренесува Би-Би-Си. Сепак, постојат големи разлики во темпото на напредок на вакцинацијата во различни делови на светот, како и во бројот на земји што користат одредени вакцини против ковид-19.
Некои земји обезбедија и доставија дози за голем дел од нивната популација, но други заостануваат во оваа област. Ова е најголемата програма за вакцинација во историјата, бидејќи според идејата на државите и СЗО, секој возрасен човек во светот треба да ја прими вакцината.
СЗО прво ја одобри вакцината произведена од „Фајзер“ и „Бионтек“, а потоа и неколку други.
Вакцината „АстраЗенека“ сега е најраспространета ширум светот во дури 175 земји. За разлика од вакцината „Фајзер“, која мора да се чува на екстремно ниска температура, „АстраЗенека“ се чува во нормален фрижидер, што ја олеснува дистрибуцијата.
Вакцината „Фајзер“ се користи во 131 земја, „Синофарм“ во 78, „Модерна“ во 72, „Џонсон и Џонсон“ во 55, „Спутник V“ во 47, „Синовак“ во 40 земји и „Коваксин“ во само 7 земји.
Африканската унија започна да дистрибуира 400 милиони дози на вакцина „Џонсон и Џонсон“, која се дава во една доза. Повеќето влади започнуваат вакцинирање со постарата популација, здравствените работници и луѓето кои се клинички ранливи, пренесува Би-Би-Си.
Во земји како Израел и Обединетото Кралство, веќе постојат ветувачки знаци дека вакцините го намалуваат приемот на луѓе во болници, како и смртта. Во светот, се тестираат повеќе од 100 можни вакцини за да се провери нивната ефикасност и безбедност.
Генерално, Кина и Индија досега им дадоа најголем број вакцини на своите жители, со повеќе од 2,2 милијарди дози и околу 950 милиони дози. Соединетите држави се на трето место со 400 милиони дози.
Додека земјите во Европа и Америка напредуваат добро со кампањите за вакцинација, многу земји во Африка наидоа на проблеми кога станува збор за снабдувањето со вакцини. Светската здравствена организација постави цел 10 проценти од населението во сите земји да бидат целосно вакцинирани против коронавирусот до крајот на септември. Сепак, повеќе од 50 земји сѐ уште не го постигнале тоа ниво на заштита.
Многу посиромашни земји се потпираат на залихите од шемата Ковакс, предводена од Гави, Алијансата за вакцини заедно со СЗО и Коалицијата за иновации во подготвеност за епидемија, која се обидува да обезбеди еднаков пристап до вакцината против коронавирусот за сите во светот.
Ковакс планираше да достави околу две милијарди дози на вакцина на глобално ниво до крајот на годината, но сега ја намали прогнозата за снабдување за 25 проценти на 1,4 милијарди – како резултат на забраните за извоз, предизвиците на производството и бавните процеси на регулаторно одобрување.
Досега, програмата испорача околу 345 милиони вакцини низ целиот свет.
Лидерите на Г7 се обврзаа дека ќе помогнат и ќе достават околу милијарда дози вакцина во сиромашните земји, директно или преку шемата Ковакс.