Овации за Македонската Филхармонија, Дуке Бојаџиев и Каролина Гочева во Карнеги Хол

Овации за Македонската Филхармонија, Дуке Бојаџиев и Каролина Гочева во Карнеги Хол
Овации за Македонската Филхармонија, Дуке Бојаџиев и Каролина Гочева во Карнеги Хол

Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија, првпат во историјата, заедно со солистот Дуке Бојаџиев настапи во престижниот Карнеги Хол во Њујорк, кој има 125 годишна традиција и во кој редовно концертираат најголемите музички имиња на денешницата.

Македонската музика наиде на одличен прием кај американската публика, со долготрајни овации на крајот на концертот на камерниот оркестар, засилен со Бојаџиев и Каролина Гочева, јавува Македонската телевизија.

филхармонија во њујорк

Целиот концерт беше на македонски, во среде Њујорк во Карнеги Хол. И имав доста пријатели не-Македонци, половина од публиката беа од Њујорк или од светот, но беа сериозно воодушевени, особено луѓе што воопшто не слушнале за македонска музика. Ова им беше како еден огромен душевен удар, бидејќи сите беа огреани кога излегоа и ми пријдоа по концертот, изјави композиторот и пијанист Бојаџиев, кој работи во Њујорк.

Американската публика слушна музика изведувана на македонски јазик, како Зајди Зајди, изведена и на традиционални музички инструменти.

канческа во њујорк

Ова беше навистина величествена изведба и концерт. Навистина сум искрено горда на сите македонски уметници, вклучувајќи ги, се разбира, и уметниците од Македонската Филхармонија, на сето она што го претставија како врвна македонска култура и уметност. Горда сум на сите нивни успеси и тоа токму овде во најголемиот центар во Карнеги Хол, го потврдија преку овој навистина голем настан и за нив и за Република Македонија, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Ова беше вториот концерт на камерниот оркестар на Македонската Филхармонија во Њујорк во два дена, по настапот во музичкиот центар Кауфман, каде солираше кларинетистот Исмаил Лумановски.

филхармонија во ЊујоркКако што е најавено, промоцијата на македонската култура во американската метропола продолжува и денеска, каде министерката Канческа-Милевска, во Македонскиот културен центар во Њујорк ќе се обрати  на отворањето на изложбата на македонските реномирани уметници Ацо Таневски и Ивана Пирковска, како и на промоцијата на аудиоизданието со традиционални македонски изворни песни, во издание на издавачкиот оддел на еден од најголемите музеи во Америка,  „Смитсонијан музеј“. Изданието е поддржано од реномирана меѓународна фондација за музика и уметност, како и од Обединетата македонска дијаспора.