Јовановски денеска првпат ќе дава исказ за случајот „Рекет“

Обинителката Вилма Рускоска денеска ќе го сослуша првпат исказот на Бојан Јовановси познат како „Боки 13-ка“, за случајот „Рекет“, откако минатата седмица беше објавено дека истрагата е завршена, а Јовановски како првоосомничениот за аферата со изнуда на пари е речиси три месеца во притвор

Досега Рускоска собра искази на сведоци и на лица кои можат да дадат информации за случајот, но нема исказ од тројцата осомничени – Бојан Јовановски, Зоран Милевски – Кичеец и Катица Јанева.

На „Боки 1“3 му истекува и рокот од 15 дена, кој му овозможува увид во доказите на Рускоска, како и можноста да предложи свои докази. Јовановски минатата недела лично во Апелациониот суд побара да биде пуштен од Шутка. Побара поблага мерка – затворската ќелија да ја замени со болнички кревет, поради сериозно нарушена здравствена состојба. Дополнително како олеснителна околност ја посочи завршената истрага за „Рекет“. Сепак, апелациските судии стравуваа дека Боки може да избега и ја одбија неговата жалба.

Адвокатите на Катица Јанева допрва треба да одлучат дали таа ќе даде исказ пред Вилма Рускоска. Јанева била запознаена со доказите против неа, но сè уште не дала јасни и прецизни инструкции како ќе ја градат одбраната. Во куќен притвор засега е само второ осомничениот, Зоран Кичеец. Неговиот исказ во обвинителството веќе им бил понуден за пари на адвокатите во „Рекет“. Кој тргувал со исказот, Вилма Рускоска истражува.

Адвокатите на тројцата осомничени во „Рекет“ засега се едногласни дека не преговараат со обвинителството за спогодба и помала казна за нивните клиенти.

Сите се осомничени за изнуда на над еден милион евра од бизнисменот Орце Камчев, со ветување дека ќе ја запрат истрагата на СЈО за перење пари против него.