Јовановски: Владата да биде флексибилна во критериумите за мерките околу бројот на вработени

Стопанската комора апелира владата да овозможи воведување на одредена флексибилност, изразена како мал процент на отстапување, за обврската компаниите да мора да го задржат бројот на вработени непроменет до септември годинава кога компанијата користи некоја од погодностите предвидени со мерките на Владата.

Како што изјави Зоран Јовановски во денешното видеобраќање, Стопанската комора добива непосредни информации од компаниите кои аплицираат за конкретните мерки  и нивните предлози и барања ги доставвуа до владата, а ќе ги соопшти и јавно.

Една таква иницијатива добиена од компаниите е поврзана со мерката на Владата за финансиска поддршка на компаниите за исплата на минимална плата. Имено, секоја компанија што сака да користи финансиска поддршка од Владата за исплата на минимална плата треба бројот на вработени што го имала во месецот за кој побарала ваква  финансиска поддршка да го задржи непроменет заклучно со септември 2020 година.

–  Компаниите прашуваат:

  • Што ако во предвидениот период некој самоволно си замине од компанијата? Што ако некој направил сериозна повреда на работните обврски?
  • Што ако компанијата има вработени на пробна работа на кои договорот им истекува во јуни, а не сака да им го продолжи договорот заради несоодветно извршување на работните задачи и непридржување кон договорот за работа кој го склучиле со работодавецот?
  • Што ако компанијата имала работници што се времено ангажирани кога аплицирала за помошта? – соопштува Јовановски

Затоа Комората бара поголема флексибилност на Владата.