Јовески и Обвинителството не знаеле за бонусите на Јанева и обвинителите, ќе ги испитуваат

Дополнителните додатоци од илјадници евра кои ги земале Катица Јанева и обвинителите од СЈО ќе се најдат под лупа на Јавното Обвинителство.  Државниот обвинител Љубомир Јовески за повеќе медиуми рече дека тие немале увид во висината на доделните  бонуси.

„Исплатата на плати надоместоци е утврдена во законот за плати на јавните обвинители. До поставување на алатката „Отворени финасии“ висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоци за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители за кои на сајотот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати“, појаснува Јовески.

-Обвинителите ќе ги испитаат сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците и доколку се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело ќе се постапи согласно законот, велат од ЈОРСМ.

Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ бара Собранието итно да го стави на дневен ред нивниот предлог за формирање Анкетна комисија која ќе го испитува работењето на СЈО со цел да се дознае како и за кои потреби биле трошени народните пари, колкава штета е направена на буџетот, кој се имал незаконски приходи и зошто Владата  префрлила 36 000 денари на сметката на Катица Јанева додека траела предистражната постапка за случајот „Рекет“.

Од СДСМ велат дека нема ништо спорно во доделувањето додатоци затоа што така било пропишано со закон.

Експертската јавност е зачудена од високи суми кои се давале во СЈО. Злоупотребена е  ставката за скриени трошоци за што е неопходна ревизија на работењето на оваа институција.

Според базата „Отворени финансии“ Катица Јанева во својот мандат добила дополнителни 157 000 евра. Само за 2019 година земала 28 455 евра, односно 7 месеци си доделувала по 250 000 денари. Додатоци за доверливост, да не се откриваат разговорите од прислушуваните материјали Јанева има давала и на своите соработници. Нивната висина се дрвижела од 60 000 до 180 000 денари месечно.