Оздравувањето на 101-годишна Холанѓанка од Covid-19, зрак надеж

A 101-year-old woman is released from the IJsselland hospital after treatment for Covid-19. March 31, 2020/ IJsselland Ziekenhuis

Оздравувањето на 101-годишна Холанѓанка која се заразила со новиот тип коронавируси, дава зрак надеж во борбата со пандемијата и особено смртните исходи.

Старицата, чиешто име не е објавено туку само фотографија во локалните медиуми преземана од интернет страницата на болнцита, била примена пред десетина дена во болница во Ијселанд крај Ротердам со тешкотии во дишењето. Тестот покажал дека е позитивна на коронавирусот. Од тогаш била во изолација, но сега може да ја напушти болницата.

„Таа е храбра дама и убаво е да се види дека ги слуша здравствените совети, како што е кивањето в лакт. Дури ме предупреди да одржувам оддалеченост, Сите треба да се придржуваме до овие правила, тоа е круцијално“, изјави пулмологот Сунил Рамлал.

„Медицинските сестри и пулмолозите се среќни од оваа вест, тие доживуваат многи тажни и стресни ситуации. За среќа, има и вакви позитивни искуства“, додава др. Рамлал.

Стогодишничката живее сама, а во својот дом ќе се врати откако ќе закрепне во установа за нега на стари лица, објави болницата на својата интернет страница.

„Мајка ми е независна госпоѓа која знае што сака, таа има искусено многу во животот и секогаш работеше напорно. Се надевам дека ќе се врати во постојаното и нејзиното приватно опкружување, каде што ги познава луѓето и каде што ќе може да се релаксира“, изјавила нејзината најмлада ќерка Маријана.

Медиумите минатата седмица известија дека во Италија е забележано оздравување на 101-годишник. Мажот роден 1919 година, во времето на пандемијата на шпанскиот грип, се излекувал во болницата во Римини, на североистокот од Италија.